Реализацијата на проектот „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Северна Македонија“ била во фокусот на денешната средба меѓу министерот за правда Јетон Шасивари и вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ), Томаш Бочек.
Како што соопшти Министерството за правда, на средбата бил разгледан текот на проектот, кој се реализира со заем од 46 милиони евра од ЦЕБ. Целта е подобрување на условите во казнено-поправните установи и нивно усогласување со европските стандарди.
Со проектот се предвидува унапредување на условите за сместување, здравствена заштита и хигиена, како и подобри услови за работа и слободни активности на осудените и притворените лица.
Од Министерството информираат дека активностите во 2026 година се одвиваат според предвидената динамика. Во јули бил склучен договор за стручен надзор над градежните работи, додека постапката за избор на изведувач е во тек.
Министерството за правда останува посветено на модернизацијата на системот за извршување на санкциите и создавање услови во казнено-поправните установи што ќе бидат усогласени со европските стандарди.
































