Фото: Панче Тошковски/Фејсбук

Вкупно 27 лица се опфатени со истрагата за незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба. Меѓу пријавените е и вработена во Министерството за внатрешни работи, а кривичната пријава е поднесена до Скопското јавно обвинителство од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за МТВ синоќа оцени дека сега постапката е во рацете на Обвинителството и Судот, од кои очекува законска и праведна одлука.

 – Оваа акција беше спроведена против 27 луѓе. Согласно информациите коишто ги имам, има добри искази од страна на дел од луѓето коишто се инволвирани во оваа постапка – рече Тошковски.

Тој посочи дека МВР има систем преку кој можат да се детектираат незаконски промени на податоци во електронските системи, додавајќи дека институцијата ќе реагира секогаш кога ќе биде утврдено незаконско постапување.

 – Сега топката е во рацете на Обвинителството и Судот, особено Судот. Се надевам дека ќе донесе законита, праведна и правична одлука, која превентивно ќе делува во иднина – нагласи министерот.

Според досегашните наоди на МВР, во постапките за издавање возачки дозволи биле вршени незаконски измени во електронскиот систем, со кои биле внесувани категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови. Потоа биле издавани возачки дозволи со невистинита содржина.

Како што соопшти МВР, вработената во Одделението за управни работи Скопје, во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, со користење на службената шифра и овластувања, незаконски менувала претходно креирани барања за издавање возачки дозволи. Во одредени случаи отфрлала постојни барања и креирала нови, во кои внесувала категории за кои лицата не ги исполнувале условите.

Тошковски оцени дека ваквото постапување може да има сериозни последици по безбедноста, особено поради случаите во кои, според сомнежите на МВР, биле овозможени категории за управување со автобуси и тешки товарни возила на лица кои не положиле соодветен испит.

 – Со тоа што го сторила буквално загрозила живот на секој еден од нас затоа што му овозможила на некој којшто не поминал соодветна обука, не го положил испитот којшто требало да го положи, а притоа му дала во рака волан да управува автобус или камион од неколку тони – рече Тошковски.

Тој изрази очекување Судот да донесе законита одлука и порача дека санкционирањето на ваквите случаи треба да има и превентивен ефект, со цел да се спречат идни злоупотреби на службените овластувања.