Иднината на дигиталните финансии не може да ја изградат ниту државата, ниту банките, ниту технолошкиот сектор поединечно, туку е потребна нивна соработка и премин од идеи кон конкретни решенија, порача денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на „Finelevate Digital Summit 2026“.
На самитот учествуваа претставници на институциите, финансискиот сектор, технолошките компании и стартап-заедницата. Андоновски се обрати на настанот, а потоа учествуваше и на панел-дискусија посветена на дигиталниот идентитет, доверливите услуги и интероперабилноста во финансискиот сектор.
– Кога на исто место ќе се соберат институциите, финансискиот сектор, технолошките компании и стартапите, разговорот за дигитализацијата станува многу поконкретен – истакна Андоновски.
Тој посочи дека на панелот се разговарало за поврзување на системите, безбедна размена на податоци и развој на услуги кои целосно ќе можат да се користат електронски.
– Ако институциите веќе располагаат со одреден податок, граѓаните и компаниите не треба повторно да го доставуваат – рече министерот.
Според Андоновски, ваквите настани се значајни бидејќи овозможуваат институциите и приватниот сектор заеднички да ги идентификуваат проблемите, но и можностите за забрзување на дигиталната трансформација на финансискиот сектор.
Фокусот на дискусиите беше ставен на создавање поефикасни дигитални услуги, подобра поврзаност меѓу системите и поголема сигурност при размената на податоци.
































