На 18 септември, петок, на отворањето на фестивалот „АrtArea под Крошна“, ќе се одржи промоцијата на романот „Ќерките на генералот“ на албанската писателка и преведувачка Мимоза Хиса, во превод од албански на Јордана Шемко-Георгиевска и во издание на Чудна Шума.
Промоцијата ќе се одржи во 19 часот во „Лабораториум“ (главна сцена), а настанот е замислен како разговор помеѓу авторката Мимоза Хиса, преведувачката Јордана Шемко-Георгиевска и уредничката Билјана Црвенковска, како и читање на извадоци од делото.
Мимоза Хиса е писателка и преведувачка од Тирана, Албанија. Дипломирала на Универзитетот во Тирана, на Катедрата за италијански јазик и книжевност, а своите студии ги продолжила во областа на италијанската култура на Универзитетот во Пиза, Италија. Докторирала книжевни науки. Добитничка е на повеќе национални и меѓународни награди. Како писателка, објавила четири прозни книги, меѓу кои и „Време на ветрот“ (2004) – добитник на наградата „Европа, наш заеднички дом“, „Историја без имиња“ (2006) и нејзиниот најпознат роман „Ќерките на генералот“ (2019) – финалист за наградите „Кадаре“ и „Култ“, преведен на македонски, италијански, германски, грчки и романски јазик.
„Ќерките на генералот“ е наградуван роман кој ја раскажува приказната за Марсина и Мартина, сестри близначки, ќерки на висок воен офицер во времето на диктатурата во Албанија. Нивниот свет е дефиниран од привилегиите и од строгата сенка на комунистичките идеали на нивниот татко. Близначките се распнати меѓу двајца мажи: таткото – херој на партијата, и Јетон – човек чие „неподобно“ политичко минато го прави опасен избор во режим кој никогаш не заборава. Во време кога само една „грешка“ може да значи пропаст, сестрите мора да се движат по тенката линија меѓу семејната лојалност и забранетата љубов.
На 20 септември, пак, во рамки на фестивалот, кој се одржува од 18 до 20 септември во Лабораториум (галерија), во 18 часот, ќе се промовира и сликовницата „Каде се крие Ведран“ на хрватската авторка Ива Безиновиќ-Хејдон, со илустрации на Хана Тинтор и превод од хрватски на Калиопа Петрушевска, во издание на Чудна Шума. Разговорот со авторката ќе го води Ана Јовковска.
Во топлата приказна „Каде се крие Ведран“ авторката Ива Безиновиќ-Хејдон ја отвора темата за која е напати тешко да се разговара, а тоа е загубата на некоја блиска личност и продолжувањето на животот по соочувањето со таквиот настан. Приказната им е наменета на децата, но и за возрасните (сликовницата може да се квалификува дури и како сликовница за возрасни), напишана на едноставен јазик, оставајќи простор и илустрациите да раскажуваат своја паралелна приказна, а носи топла поука за начинот на кој можеме за навек да ги задржиме саканите личности во нашите срца.
Ива Безиновиќ-Хејдон (Риека, 1981) дипломирала хрватски јазик и компаративна книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Живеела во САД, Унгарија и Германија, а моментно живее во Загреб. Работела како преведувачка, учителка, лекторка, а најмногу време посветила на својата школа по хрватски јазик за странци. Нејзините кратки приказни и песни на хрватски и на англиски јазик можат да се најдат во антологии на кратки раскази и на интернет-портали. Има објавено неколку сликовници (за деца и возрасни) и книги за возрасни читатели. Повеќе нејзини приказни биле финалисти во различни книжевни натпревари, а освоила и неколку награди.
На 19 септември, во Лабораториум (галерија) во 18 часот, ќе се одржи и средба на читачкиот клуб „Планета НАДЕЖ“, на која членовите на клубот и други посетители ќе имаат можност во живо да поразговараат со авторките Мимоза Хиса и Ива Безиновиќ-Хејдон за нивната работа и промовираните дела. Разговорот ќе го модерираат Марија Павлеска и Билјана Црвенковска.
Читачкиот клуб „Планета НАДЕЖ“ на Чудна шума и во организација на Марија Павлеска – „Мама (ми) чита“, е клуб на книжевни ентузијасти во кој се читаат романи (оние од едицијата „Планета НАДЕЖ“, но и други дела), се дискутираат и се разменуваат мислења и рецензии, се поставуваат прашања до авторите и се споделуваат фотографии, размисли, впечатоци…
Романот „Ќерките на генералот“ и сликовницата „Каде се крие Ведран“ се преведени во рамки на проектот „Планета НАДЕЖ (Нова европска проза)“, кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.


































