Во „Трака“, едно од најреномираните грчки книжевни списанија и книгоиздателства, деновиве беше објавен преводот на најновата прозна творба на нашиот писател Томислав Османли. Станува збор за биографскиот расказ насловен „Кир-Андонис од улицата Киутахѝас“ во кој македонскиот прозаист испишува слоевит, носталгичен наратив врзан за една личност од неговото, како што самиот автор истакнува, „прекугранично детство“. На тој начин, под уредничката назнака „Превод од македонски јазик“, „Трака“ го донесува баспрекорниот превод што го потпишува познатиот грчки писател и преведувач Сотирис Минас.
Османли ја тематизира својата творба како „расказ од археологијата на сеќавањето“. Прозата „Кир-Андонис од улицата Киутахѝас“, е мотивирана од стара црно-бела фотографија што писателот случајно ќе ја пронајде на интернет, препознавајќи личност од детството, насловниот лик на својата проза. Низ живи слики извлечени од личните сеќавања, авторот ќе го проследи драматичниот живот не само на својот протагонист, неговото семејство, туку и социјалната слика на една малоградска средина, градот Воден во скорешно повоените, педесетти и шеесетти години на минатиот век, каде што била направена спомнатата фотографија и каде што се одвива неговиот наратив.
Инаку, „Трака“ е непрофитна организација основана во 2014 година со седиште во Лариса. Таа управува со истоимената издавачката куќа и книжевното списание што објавува содржини во електронска форма, а еднаш годишно се појавува и во печатена форма. Инаку, организацијата „Трака“ од 2013 година го организира меѓународниот „Пантесалиски фестивал на поезијата“, чиешто 14-то издание штотуку заврши, по речиси целомесечно траење. „Трака“ организира и други помали книжевни настани во градовите Лариса, Атина, Солун и Кардица.
































