Со сослушување на двајца сведоци, денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето на судијата во Апелацискиот суд Скопје, Ѓоко Ристов.
На рочиштето беа сослушани сведок на Обвинителството, сопственик на мобиларница и специјалист за кибербезбедност во МВР, како и сведок на одбраната, адвокат кој присуствувал на претресот во куќата на родителите на Ристов во Неготино.
Сведокот на Обвинителството одговори на прашање на обвинителката Искра Хаџи-Василева дали Ристов на 3 декември 2025 година донел мобилен телефон на поправка.
Тој рече дека не примил телефон од обвинетиот и дека на Обвинителството му ја предал целосната евиденција за прием на телефони во неговата мобиларница.
На прашања од одбраната, сведокот објасни дека при прием на телефон на сервис се евидентираат податоци за самиот уред, како и телефонскиот број и името на лицето кое го донело.
Тој потврди дека Обвинителството побарало проверка дали во мобиларницата бил донесен конкретен „самсунг“, но во евиденцијата не бил пронајден таков телефон.
На прашање од самиот Ристов дали на 3 декември по 19 часот донел црн „самсунг“ со скршен екран и прашал дали можат да се извадат податоци од него, сведокот рече дека не се сеќава.
По сослушувањето на сведокот, Хаџи-Василева побара од Судот да изврши увид во списите на предметите за обвинетите Маријан Стоевски и Фехми Стафа, во кои Ристов постапувал како судија.
Со тоа заврши изведувањето на доказите на Обвинителството, по што започна изведувањето докази на одбраната.
Сведокот на одбраната, адвокатот Александар Варела, детално сведочеше за претресот во куќата на Здравко и Донка Ристови во Неготино, каде што бил пронајден поголем износ пари.
Варела рече дека бил повикан од Ангел Ристов, син на Здравко Ристов, по што заедно го земале неговиот татко од Бања Негорци и заминале во куќата.
Според неговото сведочење, при вториот ден од претресот полицијата повторно ги проверувала истите простории, но особено внимание посветила на кујната и плочките.
– Извадија пет плочки, па потоа уште пет. Паднаа, се скршија. Бев таму и сопственикот Здравко, како и двајца полицајци кои ги одлепуваа плочките – сведочеше Варела.
Тој рече дека полицајците продолжиле да ги вадат плочките сè додека не стигнале до последниот ред, каде што била пронајдена дупка.
Според сведокот, Здравко Ристов тогаш рекол дека во просторот има пари, по што полицајците почнале да ги вадат. Варела посочи дека биле пронајдени 13 пакувања со пари, а потоа било повикано лице од крим-техника за да го документира пронајденото.
По пронаоѓањето на парите, сведокот разговарал со Здравко Ристов, кој, според неговото сведочење, му рекол дека не очекувал полицијата да оди толку далеку при претресот.
Варела рече дека Ристов му кажал оти не сакал неговите деца да знаат дека има пари и дека, кога го прашал за износот, без двоумење рекол дека станува збор за повеќе од 300.000, односно околу 350.000 евра.
Сведокот истакна дека од разговорот заклучил оти Здравко Ристов знаел за парите, но не му кажал за нив како негов адвокат.
Во текот на испрашувањето, Обвинителството го прашало и за градежните материјали пронајдени во помошните простории, меѓу кои цемент и лепак со понов датум.
Варела потврди дека имало такви материјали и дека полицијата го прашала Здравко Ристов чиј е цементот и дали реновирал нешто. Според сведокот, тој првично одговорил дека не реновирал, но потоа кажал дека плочките лево од вратата, под скалите, биле свежо залепени.
По рочиштето, јавната обвинителка Искра Хаџи-Василева изјави дека сведокот на одбраната во клучни делови дал некредибилно сведочење.
Таа посочи дека дел од неговиот исказ се совпаѓа со начинот на кој се одвивал претресот, но дека за други околности неговите наводи не се совпаѓаат со материјалните докази и видеоматеријалите презентирани на претходните рочишта.
Во однос на сведокот од мобиларницата, Хаџи-Василева рече дека тој бил повикан за да потврди конкретен факт – дали Ристов навистина го однел телефонот на поправка.
Според неа, исказите на Ристов дадени претходно пред полициски службеници и во Обвинителството, дека телефонот го однел на поправка, не одговараат на доказите.
Одбраната, пак, остана на ставот дека Обвинителството не презентирало докази со кои недвосмислено се потврдуваат наводите против Ристов.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ посочи дека во предметот постојат записници за претресот и за одземените пари, на кои Здравко Ристов потпишал дека парите се негови.
Тој се повика и на вештачењето на Обвинителството, според кое родителите на Ѓоко Ристов имале законски заработени приходи од околу 975.000 евра, додека Ристов и неговата сопруга околу 600.000 евра.
– Факт е дека парите се најдени во неговиот ѕид и дека од него се одземени – рече Давидовиќ, оценувајќи дека Обвинителството не обезбедило докази за коруптивно дело.
Адвокатот упати и критики за начинот на кој била водена истрагата, особено во однос на обезбедувањето на видеоснимки и други докази. Според него, Обвинителството можело многу порано да ги обезбеди снимките од мобиларницата, имајќи предвид дека информациите за настанот постоеле уште од декември.
Случајот го води судијката Билјана Коцевска, а обвинението го застапува јавната обвинителка Искра Хаџи-Василева.
Според обвинението, Ристов се гони за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари, бидејќи, според Обвинителството, не докажал дека средствата биле законски стекнати.
Јавното обвинителство на 17 април соопшти дека при претресот на 18 јануари во домот на родителите на Ристов во Неготино биле пронајдени 350.000 евра.
Парите биле распоредени во 13 пакувања – вкупно 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра – и биле скриени во заѕидан простор во шуплините од циглите во ѕидот на една од собите.
Според Обвинителството, пронајдениот имот предизвикал сомнеж дека Ристов, како судија во Апелацискиот суд Скопје, не пријавил имот кој значително ги надминува неговите законски приходи.
Судењето продолжува на 6 октомври, кога треба да продолжи сослушувањето на сведоците на одбраната, меѓу кои е најавен и Фехми Стафа.































