Фото: Кабинет на министерот за европски прашања

Во Скопје денеска се одржува меѓурегионален состанок на главните преговарачи и високите претставници задолжени за европска интеграција, на кој учествуваат претставници од земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, како и претставници на Европската Унија и меѓународни партнери.

Домаќин на состанокот е првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали.

Во фокусот на разговорите се иднината на проширувањето на ЕУ, следната повеќегодишна финансиска рамка и можностите за забрзување на усогласувањето на националното законодавство со европското преку поефикасна соработка меѓу владите и парламентите.

Сали на состанокот истакна дека проширувањето на Европската Унија претставува стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа. Според него, посветеноста на реформите треба да биде проследена со веродостоен и предвидлив пристапен процес, во кој напредокот на секоја земја ќе се оценува врз основа на постигнатите резултати.

Посебно внимание, како што беше посочено, се посветува на постепената интеграција, односно на создавањето можности граѓаните и бизнисите да ги почувствуваат придобивките од приближувањето кон ЕУ и пред полноправното членство.

Во тој контекст, следната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ се оценува како значајна можност за дополнителна поддршка на реформите, зајакнување на институциите и поттикнување на економската конвергенција.

На состанокот се разговара и за улогата на парламентите во процесот на европска интеграција, особено за потребата од навремена координација при подготовката на законодавството и зајакнување на парламентарниот надзор, што е важно за квалитетното спроведување на реформите.

Целта на меѓурегионалната средба е да се продлабочи размената на искуства и практичната соработка меѓу институциите кои го водат процесот на европска интеграција, но и да се утврдат конкретни области за понатамошна соработка меѓу земјите и партнерите.

Министерот Сали изрази благодарност до сите учесници и партнери, а особено до Амбасадата на Сојузна Република Германија и ГИЗ за поддршката во организацијата на состанокот и за континуираната поддршка на европскиот пат.