Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека, без мерките на Владата, дизел-горивото би било поскапо за 11 до 11,5 денари за литар. Во гостувањето во Централниот дневник на МРТ тој оцени дека цените на горивата во Македонија се најниски во Европа и дека мерките го ублажуваат ударот од глобалната енергетска криза врз стандардот на граѓаните.
– Во моментов во светот се случува најголемата енергетска криза што човештвото ја памети. Во овие услови, цените на горивата во Македонија се убедливо најниски во Европа. Ако се направи споредба со Грција, Албанија, Србија, БиХ, Црна Гора, Хрватска и Словенија, ќе се види дека цените кај нас се од 20 до 50 отсто пониски – рече Мицкоски.
Според неговата пресметка, со владините мерки граѓаните дневно заштедуваат повеќе од 250 илјади евра само кај дизел-горивото.
– Дизел-горивото, кога не би биле овие мерки на Владата, би било поскапо за 11 до 11,5 денари за литар. Тоа значи директна заштеда за граѓаните од повеќе од 250 илјади евра дневно. Кога ќе се додадат безоловните бензини од 95 и 98 октани, заштедата надминува 300 илјади евра дневно – истакна Мицкоски.
Тој оцени дека пониските цени на горивата влијаат и врз инфлацијата бидејќи ги намалуваат трошоците во целиот економски синџир. Според него, инфлацијата во јули и август била меѓу најниските во Европа и се движела од два до три отсто.
Мицкоски очекува мерките во следните две недели да им донесат на граѓаните вкупна директна заштеда од четири до 4,5 милиони евра.
Премиерот уверува дека земјата располага со доволно резерви и дека снабдувањето со гориво е стабилно. Тој посочи дека продуктоводот што го поврзува пристаништето во Солун со рафинеријата е полн и дека не е воведена забрана за извоз. Според него, домашните трговци снабдуваат со гориво и дел од соседните земји, а некои аеродроми во регионот набавуваат керозин од Македонија.































