- Кои се твоите омилени хероини? Жените од Авганистан, Ирак и Иран, кои ги ризикуваат својот живот и убавина за да им пркосат на подмолноста и гадоста на теократијата. Ајан Хирси Али и Азар Нафизи како нивен идеален женски модел – Христофер Хиџенс
- Да живееш во Исламската Република е како да имаш секс со некој што ти е гнасен – Азар Нафиси, „Читајќи ја Лолита во Техеран: мемоарска книга“
Што сонува денес секој Израелец? Да падне режимот на ајатоласите во Иран, па да може да живее. Што сонува секој Американец? Да падне цената на нафтата и бензинот, па и тој да живее. А што сонува секој Иранец? Да се ослободи од притисоци и ужаси од сите! А дали некој прашува што мисли Бог? Бог прашува дали ќе има љубов? Ние станавме мнозинство со сила, а малцинство со ум! Верата е рај, а омразата е пекол. Брат и сестра се. Кога учам за Израел морам да прочитам стотици и илјадници книги. Илјадници книги треба да прочиташ и за Иран ако сакаш за него да зборуваш. Многу од нив се истите оние за Израел, Библијата, но и други – од каде е Иран, каков е географски, како се одржал со илјадници години, ист ли е Иран со Персија, Партија, Парса и Билад Фарис? (в. Cambridge „Persia“, Oxford „History of Middle East“, Aworthy Michael). Што виде? Без Персија нема Израел! И многу друго нешто. Потоа длабоките метаморфози на Иран, дали е тоа старото Персиско Царство или нешто друго? Дали самиот ислам, кој длабоко доминира, е ист секогаш или различен? Дали е исламот ислам, како оној во Куранот? Која е генезата на оваа сегашна војна и религиозна состојба што се виори таму? На староперсиски (зороастриски) јазик „љубов“ било „аша“, а на старохебрејски и библиски јазик жена (љубов) е „иша“. Нели е исто? „Аша“ е истовремено светата врска на посветеност, хуманост, респект, должност кон создавањето и божествениот ред. Зар тие што веруваат не се сите исти – пред Бога и најблиските? Денес колку поисти повеќе се мразат. „Иша“ е светата жена – Ева, мајка на постоењето, па дури и кога згрешила со јаболкото, Господ не ги уништи луѓето, туку ги однесе по тешки патишта – раѓање, работа, трки, развој, класи и војни. Војната е најдлабоката бездна, пекол („јаханам“ на персиски и „гехином“ на библиски хебрејски). Патот на Аша води во три правци – „хумата“ (добри мисли), „хукста“ (добри зборови) и „хуваршта“ (добри дела). Дали македо-хеленистичката култура е супериорна над зороастристичката? Зошто Александар морал да ја разори старата култура на магите, кога знаеме дека од нив учеле Питагора, Анаксагора, Протагора, Демокрит, донекаде и Аристотел (дуалност на духот), секако Евреите, христијанството, па дури и Исус? По Александар, магите дејствувале децентрализирано. Токму оваа традиција – децентрализираност -„мозаик“ ја потценија разузнавачките служби и армии на Израел и САД. Можеби се тие генијалци и „супермени“ за дешифрирање, инфилтрирање, набљудување (surveillance, СИГИНТ, ГЕОИНТ), сликање (ИМИНТ), машини, математичко моделирање, АИ (вештачка интелигенција) и АГИ (генеративна вештачка интелигенција), но едно забораваат или потценуваат – душата, филозофијата и ехото на архетипот (архаичност на умот). Верувате ли дека староменталноста, мудроста на магите со технолошката изостреност и итрина даде критичност, ако не и победа на Иран врз сојузниците. Да не се лажеме, овде постои и помош „ад магнум“ од Кина и Русија. Се плашат од американска доминација со нафтената динамика. „Простото“ го победи сложеното. Слично како партизаните во Југославија – а можеби тоа го учеа овде, бидејќи Тито им помагаше и ги обучуваше „неврзаните“, каде што спаѓаше донекаде и Иран. Се сеќавам дека Тито не ги сакаше многу магите и религиите, но ете некоја вибрација му дошла при свеста. Сила е интуицијата кај Тито, а и моќта на „латералниот“ (страничен) и брз удар кај партизаните. Некои велат дека мудроста на магите му ја пренел Рерик, кој исто бил пријател со Сталин и Нехру. Езотерискиот војник прави чуда – како магионичарот со карти. Но за логиката и механиката на војувањето ќе зборуваме подоцна.
Инаку, исламистите по битките во Ал Кадисија и Нахаванд во 7 век, под водство на калифот Имар ибн-ал Катаб и големиот генерал Саад ибн-Аби Вакас, ги победиле Сасинидските Персијци, укинати се зороастриските маги и воведен е исламот. Легално магите ги сметале исто како Евреите и христијаните за „дими“ односно „народи на книгата“ („Ахл ал Китаб)“ со голем респект, но не и еднаквост со муслиманите. Магите повторно се дисперзирале во „тајна мрежа“ како што рековме (како сега). Дали може да замислите дека персиската култура во средниот век била врв на знаењето, филозофијата, математиката, астрономијата и когницијата воопшто? Ако не беа исламистите (Арапи, Персијци), ние ќе немавме поим за Сократ, Платон, Аристотел и претсократовците, потоа за „протославјаните“ и „проторусите“ (патописи на Арапи во подрачја на Волга, Днепар, Днестар – на пример Ибн Кордабех, Ибн Русда, Ибн Фахдан, Ал Масуди и Ал Идризи, уникатни записи за географијата и животот таму). Ако некој сака да ги проучува Персија и воопшто старите времиња, апсолутно ќе мора да ја посети „Куќата на мудроста“, постојна и од предисламските времиња, но ја развил до максимум абасидскиот калиф Ал Мамун, владетел на Курасан и Багдад (читај „Encyclopedia of Islam“, потоа „Jonathan Lyons“ и „Robert G. Hoyland“). Зошто треба да се читаат овие книги, а и други што ќе ги наведеме? Па затоа што ако немаме предзнаења, ќе мислиме дека Иранците се „дивјаци што му се закануваат на светот преку енергентите и храната“, а исламот „е нешто што тукутака паднал од небото и го малтретира светот“. Ниедно не е точно, но и предрасудите не се без основа. Ќе видиме и како службите длабоко се мешаат во конфликтот и го моделираат мислењето.
Еден мал заклучок од искуството – Истокот е вештачка омраза, а Западот е вештачка љубов. Интересите ги мешаат и обете. Интересите го прогласуваат слепилото за божествена светлина. Медиумите се продор. Потоа би требало да се запознаеме со историјата и филозофијата на Евреите и Израел. А потоа и со антисемитизмот. Тоа значи уште тони од други книги. И најсетне историјата и империјализмот на Америка, која е врзана со Европа, а денес и Азија – значи уште тони од книги. Дали сте чуле за „петте големи луѓе што ја изградија Америка“ – Вандербилт, Рокфелер, Морган, Карнеги, Форд? Но слободно додајте ги и следните: Ротшилди, Астор, Маск, Тил, Финк, Безос, Закерберг, Хуанг, Балмер итн. Па, тие се сега „во духот на војната“! А зошто не ставаме некој нобеловец? Хм, е па, денес трагата на парите е поважна од умот! Хм, а Ајнштајн, Хајзенберг, Опенхајмер, Зилард, Телер, Сахаров – со атомската бомба на пример, или Хабер и Бош со храната, или маса од писатели и уметници…? А модата и поп-музиката? Знаете ли дека во 15 век париската мода е под влијание на исламот и отоманството (дури и за време на Мехмед Втори) – шаренило, арабеска, естетизирани шамии, бои, долги фустани, памук, свила, тираз (декоративни инскрипции)? А кој се наместил како трансфер-трговец? Евреите. Младите жени во Иран се бунат поради присилно притиснат морфизам, а западните модни куќи имитираат старински „ираноморфизам“. Сѐ е релативно до контроверзно. „Додека Европа беше во темнина, Кордоба имаше улични светилки“, вели Тарик Хусаин. Дека земјата е сферична потекнува од Аристотел, со пресметки од Алфаганус, кои ги користел Колумбо. Но сегашните интереси се фокусирани на друго поле – ќе правиме муабет за тоа.
Хубрис и кал. Во август 1978 ЦИА изјави дека Иран „не е во пререволуционерна фаза“ и дека е безбеден. Шест месеци подоцна старата монархија падна. Во медицината има правило – ако не превенираш, со болеста ќе се справиш потешко. Ако болеста се појави и не интервенираш рано – прогнозата е морибундна.
Ако и при лоша прогноза се однесуваш ноншалантно – пациентот или епидемијата се отидени. Ете, така дојде до Исламската револуција, која е „тумбе-каша“ и го замагли сето она што го сторило Персиското Царство, Елам, Александар, Суфите, магите, митраините, сасанидите, фатимидите, алмасидите, алморавидите, алмохадите, влијанијата од Запад, па и стариот „аристотелски ислам“. Но не е едноставно. Прикаската кратко оди официјално вака: во 1978 година сиромаштијата во Иран драстично се зголеми, шахот Мохамед Реза Пахлави го зацврсти својот деспотизам со специјалната служба САВАК, со што незадоволството се зголемуваше експоненцијално. Во септември 1978 удри земјотрес од 7,4 степени по Рихтер, со 25.000 загинати – капак на сѐ!
Една работа не можам да сфатам – Америка често ги руши своите пријатели. На пример Ајзенхауер беше против заземањето на Суецкиот Канал од Британија и Франција (плус Израел), по што овие две империи отидоа во „гол-аут“. Генералот Пиноче во Чиле го донесоа тие, па го симнаа. Исто и хунтата во Грција. Исто и Југославија. Во Иран го симнаа премиерот Мосадек поради национализирање на нафтените компании, а инаку беше прозападен политичар. Го доведоа Пахлави, за во 1979 година да не му помогнат да остане на власт, што е исто како да го симнаа. Јас сум очевидец на времето. Велат дека новиот Иран е промашување на ЦИА, ДИА, НСА, Мосад, САВАК, МИТ, па и арапските служби (ќе зборуваме подоцна). Дознавам дека Бжежински, кој тогаш работеше за претседателот Картер како советник за национална безбедност и за Рокфелерови (што значи архитект на Билдерберг, ЦФР и Трилатералната комисија), беше основен фактор за создавање на муџахедините и Талибанците во Авганистан, па Босна, Санџак и Косово, па Ал Каеда и Салафите (Суни радикали од 19 век, „оживеани“ од службите), а вахабитите ги создаде Хамфер од ОК. Муџахедините ги создаде баш во таа судна 1979 година, кои подоцна се свртеа против Западот. А во 1974 година тој го најави распадот на Југославија и СССР, со маса убиства низ светот (плус и Македонци). Има една „финта“ што ја користеа стратезите и разузнавачките служби – тие го создадоа и поддржаа фундаменталниот исламизам и го нарекоа „џихадизам“ како оружје против Советскиот Сојуз, а сега и против Русија. Опасно прашање: како денес САД ќе имаат информации за Кина и Русија ако не е Иран – а и обратно? Е па, тој џихадизам им се удира сега од глава, вклучително и на нас. Да ве потсетам за момент на Босна и Косово. Албанија, која ја поддржуваат „шаком и капом“, им се сврте сега со „фламингос-револуцијата“. Исто е и со Хамас… безброј примери. Ќе им се свртуваат и во иднина. Со Турција работата е „комси-комса“. А Ердоган, кој го донесе? Па тие, бе брат, Америка… Оф, извинете, плус и Израел. Комуницираше со Петреус и Помпео, а сега се врти. Да се вратиме на Иран. Ајатолахот Хомеини официјално „никој не го донесе“, ама на шахот не му помогнаа да остане. Дури и операција (спленектомија) одбија да му направат на Запад, па тоа го направи во Египет. Се сеќавам лично на овие случки. Значи вака е официјалниот наратив: ајатолахот Хомеини стигнал во Франција (исфрлен од Садам Хусеин одн. Ирак, каде што бил во егзил) – на 6 октомври 1978 година и бил сместен во „Шато Нофл“, а на 1 февруари 1979 година со авион стигнал во Техеран.
Веднаш ја презеде власта, шахот избега со фамилијата и тоа се вика „исламска револуција“. Е сега, повторно назад, да прашам. Дали е можно една порано за светот непозната личност да дојде „како турист“ во Франција и „како турист“ да летне во Иран и за миг да направи преврат, да убива секој ден десетици илјади луѓе (ова го слушав секој ден на Би-би-си), да ја сотре моќната полиција на шахот, плус моќната армија, плус моќната САВАК – без поддршка на сила од надвор? Можете ли вие да го направите тоа? Ете, ако сум јас глупав старец, нека ми објасни некој. Наводно бил верски пропагатор и комуницирал со џамиите во Иран и станал многу популарен. А бе, УДБА и КОС ги таманеа таквите како глувци. А САВАК? А ЦИА? Денес не можат накрај да излезат со Иран најјаките служби и армии. Службите се денес бутици за секакви валкани работи на секого – а криминалците ги кријат зад држава и медиуми. Дури и индивидуални „Блекботс“ може да направат политички немир, валкани нарачки, вируси итн. (по кажувања на НСА). Како, бе, стана Иран толку силен? Па, и покрај блокади и санкции? Тоа е сила на џихадот (Џоби Варик, Бабановски-Бабагинин, Фаваз Гергез). Санкции? Како да не – медиумски циркус. Овој момент е клучен за она што се случува денес, по речиси 50 години. Сега излегува дека револуцијата ја дигнале студенти, комунисти, социјалисти и секуларисти. Интелектуалци како Мишел Фуко жарко ја прифатија. Секако дека ЦИА и Западот се исплашија дека ќе дојдат комунисти и ќе се приклучат кон СССР. Веднаш ЦИА и Бжежински изјавија дека „нема опасност за шахот и за преврат“. Сега протекува информација дека Хомеини комуницирал со владата на САД и ветувал дека ќе соработува со нив како демократ. Може ли најсилните служби да бидат толку наивни и да му веруваат? Сигурно не! Некои реномирани разузнавачи велат дека повеќепати бил во Франција и разузнавачките служби (ДГСЕ) долго го подготвувале ова сценарио. Потоа режимот на Хомеини ги сотре тие што го доведоа – комунисти, социјалисти, секуларисти и студенти. Следните години систематски ликвидираа сѐ што не се согласуваше со нив. Зарем не е исто како што правеа и нацистите? Цифрите за погубените во почетокот ги даваа западните медиуми, а потоа – тишина – демек да не ги навредат џихадистите. А кај нас, какви цифри, брату мил – па нашиве интелектуалци и политиколози се вљубени до коска и срце и душа и мозок и ДНК во Иран, Хезболах и Хутите (отровен комарец) – ете, и ова јас не го сфаќам, глупав старец! Само за кратко да ве потсетам дека до 2080 година се проектира дека исламот ќе биде повеќе од сите други религии (во Нигерија и Македонија се проектира за 2050 година). Во Брисел се веќе над 50 отсто, во Париз 1,7 милион, а во Москва (третиот Рим, надеж на христијаните) – четири милиона… Кај ќе бегате? Каде? Во Лондон се 15 отсто, ама тој е џихад (читајте). Знаете што ми велат мои пријатели исламисти овде, кај нас? „Во иднина ќе има само една религија – ислам“! Тоа значи порта џихадизам, драги мои!
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио
(продолжува)































