фото: Ка.М.
Нов погон во кој ќе се вработат уште 300 вработени, беше отворен денеска во фабриката „ВИК“ во Прилеп, во ТИРЗ, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, и сопственикот и менаџерскиот тим на компанијата.
Премиерот Мицкоски изјави дека компанијата „Вик“ за владата е многу важен партнер, посебно во Пелагонискиот регион, односно во Прилеп, којашто успешно работи од 2018 година.
фото: Ка.М.
– Ние како Влада застанавме во насока на поддршка на оваа инвестиција и ќе продолжиме целосно да го преземаме институционалниот, би рекол, ризик или сето она коешто институциите треба да го подготват за инвеститорите, без разлика дали се тоа странски или домашни, во случајот станува збор за странски инвеститор. Посебно кога имаме ваков тип на инвестиција којашто има фокус на циркуларната економија, односно економија којашто е многу важна сега во Европа, економија којашто има за цел сето она коешто е старо и искористено да го рециклира и да го обнови, практично. Тоа е она коешто претставува додадена вредност и тоа е она коешто претставува сега тренд во рамките на економијата на самата Европска Унија – рече Мицкоски.
Во последните две години, откако оваа влада е избрана, вкупното ниво на странски инвестиции е околу милијарда и 400 милиони евра, посочи премиерот.
– Ако ги споредиме овие две години, со првите две години од владеење на претходната влада, а тогаш немаше криза, ќе стане збор за споредба со 1.400.000 оваа влада и околу 750 милиони коишто ги имаше претходната влада. Бројките се јасни, станува збор за голема разлика. Вчера имавме почеток на поголема инвестиција, половина милијарда долари, сопственикот рече дека ќе ја дуплира таа инвестиција. Тоа е ветерниот парк. Денеска пуштаме нов производен погон, овде во Прилеп и продолжуваме понатаму – рече премиерот Мицкоски, истакнувајќи дека ќе има и нови инвестиции и дека патот Прилеп – Битола ќе биде изграден во предвидениот рок.
фото: Ка.М.
Сопственикот на компанијата „ВИК“, Кристоф Дор, која произведува апарати за домаќинството, посочи дека се задоволни од соработката со владата, дека во иднина ќе вложуваат за поголем економски развој и дека тука ќе има производство на циркуларна економија што е барана во Европа.
„ВИК“ е отворена 2018 година и досега вработуваше околу 500 лица.
Ка.М.