Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека од сабота, (12.09.2026), системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ започнува со работа и на подрачјето на СВР Велес.
Како што се вели во соопштението, по извршените технички проверки и финалните тестирања, камерите на системот ќе бидат ставени во функција на сообраќајниците на подрачјето на СВР Велес.
– Со активирањето на системот ќе се овозможи засилена и континуирана сообраќајна контрола, навремено откривање на сообраќајните прекршоци, зголемување на сообраќајната дисциплина и унапредување на безбедноста на патиштата.
Министерството за внатрешни работи апелира до сите возачи доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со одговорно однесување да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот – велат од МВР.

































