Одбележување на 35-годишниот јубилеј од независноста на Македонија и претставување на македонското културно наследство во срцето на Европа

Денес, на 8 Септември – Денот на македонската државност – во срцето на Брисел се случи можеби мал настан по своите димензии, а огромен по своето значење.

Светски познатата статуетка од Брисел Манекен пис проговори на македонски јазик, и тоа без зборови

Еден од најпознатите симболи на Брисел, статуата Манекен Пис, денеска за првпат беше облечен во традиционална македонска носија, по повод 8 Септември – Денот на независноста и 35 години од осамостојувањето на Македонија, потврдена со референдумот од 1991 година.
Свеченоста започна во Градското собрание на Брисел, каде што беа презентирани носијата и нејзините традиционални обележја. Потоа таа му беше предадена на официјалниот гардеробер на Манекен Пис, по што следуваа свечена процесија до фонтаната и откривање на статуетката облечена во македонската носија.
Според официјалната програма на Градот Брисел, станува збор за носија од скопското село Кучевиште. Манекен Пис ќе ја носи од 12 до 18 часот.
На церемонијата се обратија претставници на Градот Брисел и на македонската страна, како и на претседателот на Редот на пријателите на Манекен Пис. По официјалното предавање на носијата беше организиран и прием од Градот Брисел.
Со овој симболичен чин македонската традиција и културното наследство беа претставени пред белгиската и меѓународната јавност во срцето на Европа.
Манекен Пис е еден од најпрепознатливите симболи на белгиската престолнина. Облекувањето на бронзената статуетка во различни носии е долгогодишна бриселска традиција, поврзана со значајни национални, културни и меѓународни настани. Македонската носија сега станува дел од богатата колекција од повеќе од илјада костими.

И не беше тоа само облекување на една мала бронзена статуетка. Беше потврда и промоција на една национална историја. На една култура што преживеала векови. На еден јазик што не престанал да зборува. На едно име што не исчезнало. На еден народ што, колку и да било тешко, останувал свој.

Пред очите на Брисел, пред Европа, македонската песна денес се слушна со- македонската химна

Македонската носија помина низ улиците на европската престолнина, во свечена процесија, меѓу луѓе и институции, не како музејски експонат, туку како жива култура. Токму затоа, оваа слика ќе остане подолго од еден ден. Зашто Македонија денес не бараше дозвола да биде Македонија. Не бараше ничие одобрение за својот јазик. Не се откажуваше од своето наследство. Не менуваше симболи за да биде прифатена. Не се откажуваше од себе за да влезе во Европа. Само дојде. Со својата песна. Со својата носија. Со своето име. И застана исправено.

Од Македонија до Брисел

Македонија денес, на својот голем празник, на Третиот Илинден, со љубов го освои срцето на Европа. Носија од едно мало македонско село до еден од најпознатите европски симболи. И повторно денес, на еден значаен датум и јубилеј, на 8 Септември, Македонија доби едно можеби најнеобично, но навистина моќно сведоштво за својата историја- малото бриселско бронзено момче облечено во македонска носија. Мало по става, но големо по пораката. Македонија постои! Македонија памети! Македонија денес слави! И игра и пее и се радува. И Македонија — не се предава!