Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (32)
Мојата процена е дека во Македонија има повеќе од половина милион слободноживеачки кучиња. Тоа не е бројка од око, туку процена според математичкиот модел на Рејмонд Копингер, кој ги поврзува економската состојба, количеството отпад и достапната храна со големината на популацијата на Македонија. Оваа математичка процена ја оставам за дебата и предизвик од други научно докажани модели. Во секој случај, вистината е многу поблиска до мојот половина милион отколку до шесте незначајни илјади кучиња што официјално се споменуваа за Скопје како показател за општо непознавање на научните статистички принципи, модели и методологии.
Во популација од теоретски 250.000 женки што се размножуваат двапати годишно со неколку кученца, и покрај високата стапка на смртност, ова е огромен природен потенцијал за раст на популацијата сосема недопрен од помалку од илјада стерилизации во ЈП на годишно национално ниво. Проблемот не се решава, туку со години се повторуваат исти или слични активности со очекување дека овој пат резултатот ќе биде различен.

А потоа погледнете ги физиологијата и типологијата на кучињата на нашите улици: тие стануваат покрупни. Огромни слободноживеачки кучиња повеќе не гледаме само на депонии и во селата, туку тие мигрираа и се населија и во центрите на градовите. Тоа е многу едноставен биолошки знак: кучињата имаат пристап до многу храна, за големите единки да преживеат, правилно да се развијат и да доминираат во размножувањето. Кога таква храна има постојано, преживуваат повеќе кученца, а крупните и силни единки генетски доминираат над популацијата и се размножуваат. Крупните кучиња на улица не се случајност. Тие се показател, односно биомаркер, дека условите за самостоен развој на популацијата се одлични во Македонија.
И тука доаѓаме до најважното. Милиони евра се трошат на локално ниво, а Македонија нема национална стратегија за национален проблем зашто слободноживеачките кучиња не знаат каде завршува една општина и почнува друга. Тие се движат. Истражувањата со години го покажуваат тоа. Кучето ќе тргне по храна, по женка, по територија или едноставно ќе се помести од место каде што има конкуренција или неповолна средина. Кога ќе најде место каде што има доволно храна и услови за живот, останува таму и формира глутница. Тоа е нормално однесување на слободноживеачките популации, кое е одамна проучено.
А уште полошо е што најголемите извори на нови животни не се ниту предмет на работа. На депониите, во селата, во викенд-населбите, напуштените индустриски капацитети и на перифериите – таму каде што популацијата се раѓа и се обновува – системот не постои. Таму нема публика, нема камера, нема спектакуларна фотографија со заловено куче и маркица на уво. Затоа со децении му се мачкаат очите на урбаното население. Се заловуваат кучиња по улиците, се ставаат маркици, се прават извештаи и се создава впечаток дека се работи на проблематиката. А вистинскиот извор останува недопрен. Продлабочувањето на проблемот е видливо насекаде, па виновници секогаш се другите: другите општини, сопственици на миленици, активисти, саботери во комбиња, ловџии, овчари, партии…

Јас прв почнав јавно да зборувам за овие големи слободноживеачки популации надвор од градовите и долго време нивното постоење се негираше од страна на луѓе чии позиции се одлучувачки фактор на тематикава со години. Денес веќе е многу потешко да се негира нивното постоење и, наместо тоа, се минимизираат нивниот број и импакт. Македонија сè уште нема стратегија што тргнува од фактот дека токму тие популации се изворот и главниот двигател на проблемот бидејќи одговорните лица за решавање на проблематиката немаат ниту основни познавања од популациска биологија, етологија и екологија. Популациската биологија кажува како и зошто се менува бројноста, етологијата објаснува како се однесуваат индивидуите, а екологијата објаснува кои услови во средината ја овозможуваат или ограничуваат популацијата.
Слободноживеачката популација на кучиња е колективен проблем што се решава колективно. Не така што ќе се обидеме секое куче да го претвориме во миленик или извеземе во странство за нелегален финансиски надомест, туку така што ќе ги намалиме условите поради кои популацијата расте: достапната храна, неконтролираното размножување, местата за масовно собирање и постојаното создавање нови колонии.
Слободноживеачката популација на кучиња и другите синантропни видови на животни не треба да исчезнат, туку да престанат да бидат во хиперпопулација и дестабилизатори на многу екосистеми. Уличната мачка има свое место. Враната има свое место. Глодачите имаат свое место. Кучињата како синантропен вид исто така имаат своја улога во средината. Проблемот не е што постојат. Проблемот е кога човекот со своето ѓубре и лошото управување со просторот создава услови нивниот број да стане ненормално голем.
Природата не бара сите да ги снема, туку има потреба од рамнотежа. А ние денес немаме балансирани екосистеми во деловите каде што синантропните животни агресивно се населуваат. Имаме хиперпопулација на синантропни животни, а кучето е најголемо, највидливо и потенцијално најпроблематично од нив. Затоа решението не е „да ги снема кучињата“. Решението е да нема услови за половина милион кучиња. И тоа не може да го направи едно јавно претпријатие во еден град. За национален проблем ни треба национална стратегија за модернизација на депониите и управувањето со сметот, особено во руралните средини. Најголемиот проблем на самиот проблем е што за ваква промена е потребна најмалку една деценија, односно три мандати. Толку време е потребно популацијата постепено да се стабилизира и да почне да се намалува, бидејќи со намалувањето на достапната храна природно ќе се создаде еколошки притисок врз размножувањето и бројот на нови единки. Со текот на времето, на долг рок, самиот екосистем ќе наметне и нов прототип на улично куче – наместо денешните огромни кучиња над 40 килограми, ќе преовладуваат помали единки од околу 15 килограми, приспособени на помалку храна, повеќе миграција, помалку легла, помали глутници и потешки услови за преживување. Но ние живееме во држава во која една фасада не се завршува ако е започната од претходната влада, па како да очекуваме сериозна и скапа еколошка политика што треба континуирано да трае над десет години? Модернизацијата на управувањето со отпадот – од домаќинството, преку собирањето и транспортот, до затворените депонии на кои храната нема да биде достапна за животните, особено во руралните средини – е долг и скап процес. Истиот тој е во примордијален еколошки и здравствен интерес за сите граѓани. Како последица ќе добиеме почисти почва, воздух, вода, улици и домови, а со тоа постепено ќе се намалува и бројот на синантропните животни – кучиња, мачки, стаорци, врани и други видови што никогаш нема целосно да исчезнат, ниту треба да исчезнат, но нема да бидат во денешната хиперпопулација. Ќе станат речиси незабележлив дел од средината, како што е случајот во голем дел од развиените држави.
Не уште едно јавно претпријатие по општина. Не уште една маркица на уво. Не уште едно обвинување дека кучето дошло од соседниот град. Туку стратегија што ќе ја гледа целата популација како една целина, ќе ги следи нејзините движења и ќе работи таму каде што таа навистина се создава. Зашто додека стручните, посветени, мотивирани и храбри вработени на различните ЈП ги бркаат кучињата по градските улици, популацијата на депонијата безгрижно се храни, се размножува и чека следната генерација да мигрира и влезе во градот.
И потоа повторно ќе се прашуваме од каде дошле и „кој ни ги донел“.
































