Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската заедница бара институционална поддршка од Република Албанија

  • Македонската заедница во Албанија со децении се соочува со системски проблеми што ја загрозуваат нејзината иднина и ја ставаат во позиција на постојана борба за опстанок

Македонската заедница во Албанија со години живее меѓу гордоста и болката. Гордоста е за сопствениот идентитет и културно наследство, а болката поради постојаното игнорирање на реалните проблеми со кои се соочува. Зад концертите, свеченостите и културните програми што ги организираат албанските државни институции стои една тивка, но упорна борба за опстанок: борба за образование на мајчин јазик, за институционална поддршка, за економски можности и за политичка застапеност. Ова не е само приказна за културни настани и празнични говори – ова е приказна за луѓе, за семејства што се борат да останат и да им го пренесат својот идентитет на идните генерации. Токму затоа прашањето што се поставува е едноставно, но суштинско: каде беа институциите кога македонската заедница имаше најголема потреба од нив? И каде е албанската држава во својата обврска да обезбеди вистинска заштита за малцинствата?

Не сме декор за празници

– Го кажувам ова како Македонец од Албанија, со гордост за мојот идентитет, но и со горчина поради начинот на кој со години се третира – вели Ендрит Фетаху, потпретседател на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствената македонска партија во Република Албанија.

Неговата изјава не е само лична исповед туку и колективен крик што ја отсликува судбината на цела заедница. Тоа е сведоштво за една поширока реалност: македонската заедница во Албанија со децении се соочува со системски проблеми што ја загрозуваат нејзината иднина и ја ставаат во позиција на постојана борба за опстанок.

Недостигот од образование на мајчин јазик не е само административна празнина туку и удар врз идентитетот и културната меморија. Децата растат без можност да го изучуваат сопствениот јазик во институционални рамки, што создава чувство на исклученост и постепено губење на врската со корените. Ограничената институционална поддршка дополнително ја продлабочува оваа состојба – заедницата често се чувствува оставена сама на себе, без механизми за заштита и без вистински програми што би ја охрабриле да се развива. Слабите економски можности ја туркаат младата генерација кон иселување, а оние што остануваат се соочуваат со секојдневна несигурност.
– Животот тука е како постојана дилема. Дали да се бориш за идентитетот или да се бориш за егзистенцијата, а најчесто мораш да избираш меѓу двете – објаснува Фетаху.
Постојаната борба за зачувување на културниот и националниот идентитет станува дел од секојдневието на оваа заедница. Таа борба не се води само во институциите туку и во домовите, во семејните разговори, во обидите да им се пренесат јазикот и традицијата на новите генерации. Секојдневието на Македонците во Албанија е обележано со чувство на невидливост – како да постојат само во статистики и извештаи, но не и во реалната политика на поддршка и признавање.

Нивните зборови за предизвиците со кои се соочуваат ја носат тежината на цела заедница што бара да биде слушната. Таа е повик за внимание, за одговорност и за промена – затоа што идентитетот не е само збор или симбол туку и живо наследство што мора да се зачува и пренесе понатаму.

Светла на бината, мрак во секојдневието

Во јавноста, македонските институции во Албанија најчесто се препознаваат по концерти, свечености и културни програми – настани што оставаат впечаток на видливост, но често ја прикриваат суштината. Но зад светлата на бината и официјалните говори, македонската заедница останува со нерешени проблеми: недостиг од образовни програми на мајчин јазик, институционална рамнодушност и економска несигурност.
– Да, културата е значајна, но култура без луѓе е само празна сцена. Ние не сме украс за празнични настани, ниту статистика за извештаи. Ние сме живи семејства со секојдневни предизвици, со надежи и со иднина за која мора да се мисли – додава нашиот соговорник.

Оваа критика не е насочена против културните активности сами по себе – тие имаат своја вредност и значење. Но кога културата се сведува на протоколарни свечености, без вистинска врска со луѓето што ја носат, таа станува фасада. Заедницата бара повеќе од симболични гестови: бара практична поддршка, вложувања во образование, инфраструктура и економски развој.
– Културата треба да биде мост меѓу институциите и народот, а не параван зад кој се крие недостигот од вистинска грижа – додава друг соговорник.

Прашањата што се поставуваат се болни и директни!

Каде беше македонската држава кога семејствата бараа поддршка? Каде беше кога младите заминуваа? Каде беше кога јазикот и идентитетот бараа вистинска заштита и вложување? Каде беше кога луѓето мораа да избираат помеѓу достоинствен живот и зачувување на сопствената културна припадност? Одговорност има и албанската држава, која, според соговорниците, мора да обезбеди малцинските заедници да не останат само имиња во документи.
– Албанија мора да покаже дека малцинствата се дел од живото ткиво на државата, а не само формалност. Ние не сме бројки за статистика, ниту декор за празници. Ние сме луѓе со реални потреби – нагласува Македонец што живее во Албанија.

Сите соговорници се согласуваат во едно: за амбасадата, културниот центар и македонските институции навистина да помогнат, тие мора да се симнат од сцената и да дојдат меѓу народот.
– Слушнете нè, прашајте нè што ни треба, помогнете ни да ја градиме иднината, а не само да го славиме минатото. Јас сум Македонец од Албанија. И не сакам мојот идентитет да преживува само на сцени, со знамиња и говори. Сакам да преживее во реалниот живот – во семејствата, во училиштата, во секојдневието. Сакам да има иднина што ќе им ја пренесеме на нашите деца – заклучува еден од соговорниците.


Суров избор помеѓу опстанокот и идентитетот

Анонимни извори блиски до македонската заедница предупредуваат дека економските предизвици станале толку големи што многу Македонци се принудени да бараат бугарско државјанство. Тоа не е чин на идеолошка определба, ниту пак резултат на некаква национална промена на убедувања – тоа е суров избор на луѓе што се борат за опстанок.
– Тоа не е избор од убедување, туку од нужда – вели наш соговорник.

Тој нагласува дека секој документ, секоја апликација за државјанство е всушност сведоштво за една длабока економска и институционална празнина.
– Кога државата не е тука да помогне, луѓето бараат начин да обезбедат опстанок- додава тој.

Во тие зборови се содржи целата трагедија на македонската заедница: да мораш да избираш помеѓу економскиот опстанок и сопствениот идентитет. Тоа е избор што остава трајни последици – не само за поединците што се принудени да се определат за друг пасош туку и за целата заедница, која постепено губи дел од својата сила, бројност и самодоверба.

Оваа реалност создава чувство на напуштеност и разочараност. Луѓето не бараат привилегии, туку основна сигурност – работа, образование, институционална поддршка. Кога тие услови недостигаат, секојдневието станува борба за преживување, а идентитетот се претвора во товар што мора да се носи паралелно со економската несигурност.

Соговорникот заклучува дека најголемата трагедија е да мораш да избираш помеѓу достоинството на сопствениот идентитет и суровата потреба за егзистенција.
– Ако амбасадата, културниот центар и македонските институции навистина сакаат да направат нешто за Македонците во Албанија, тогаш нека слезат од сцената и нека дојдат меѓу народот. Слушнете нè. Прашајте нè што ни треба. Помогнете ни да ја изградиме иднината, а не само да го славиме минатото – нагласува Ендрит Фетаху.