Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одбележување на 35-годишнината од Денот на независноста на Македонија (8.9.1991)

Македонската независност од 1991 година често се претставува како почеток на државата, но историскиот континуитет јасно покажува дека државата со сите прерогативи на еден меѓународноправен субјективитет постоела и пред тој датум.
Имено, на историското заседание на АСНОМ во 1944 година се удрија темелите на македонската држава како Народна Република Македонија, една од шесте федерални единици на СФР Југославија. Македонија доби собрание, влада и устав, а со тоа и институционална рамка што ја легитимираше како државноправен ентитет, меѓународно признаен и како таков депониран во Организацијата на обединетите нации (ООН). Натаму, во тие години беа создадени и темелните научни, образовни, културни и други институции – универзитетот, академијата, институтите за јазик, историја и култура итн., кои ја зацврстија државотворната инфраструктура, осветлувајќи ја Македонија како нација што одамна има сопствен идентитет и посебност, а сега и државотворна зрелост.

Кога на 8 септември 1991 година се одржа референдумот за независност, тоа беше пред сè политички чин на меѓународно признавање, во нова меѓународноправна форма на Македонија, во новосоздадени историски околности, а не создавање нова држава. Таа беше ново ниво на процесот на државност, потврда на веќе изградената реалност и историска волја на народот. Со ова се нагласува дека третиот Илинден е една кулминација на македонската историја, а патеката до него е изградена од генерации што работеле, создавале и жртвувале за државата.

Македонија како нација и држава не го заборава тој пат, ниту трудот на предците што ја градеа државата во предилинденскиот период, ниту потоа, во периодот преку 1944 и 1991 година, без разлика на нивната идеолошка, национална или верска припадност. Тие беа градители на институции и чувари на идентитетот и нивната работа е дел од темелот врз кој стои денешната независна Македонија. Нивната работа не може да се мери само со политички категории, затоа што тие беа носители на една поширока визија – визија за Македонија како дом! Само со почит кон нивниот придонес може да се разбере вистинската тежина на независноста и да се обезбеди иднината на државата. Нивниот труд е – преку нас – живо наследство што ја одржува македонската држава.


Наследството на предците како колективна државотворност

Наследството на предците е суштината на македонската државотворност – невидливиот темел врз кој се гради независноста. Ако се навратиме на Илинденското востание, ќе видиме дека тоа не било дело на еден човек, туку на цело поколение борци – Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и многу други. Делчев тогаш рекол: „Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите“. Со оваа мисла тој ја постави основата на идејата за самостојна борба и слобода. Подоцна, Крсте Мисирков со своето дело „За македонцките работи“ ја формулираше јазичната и националната мисла, создавајќи интелектуален темел за државноста. Неговата реченица „Јас сум Македонец. Пишувам на централниот македонски дијалект, кој отсега ќе го сметам за македонски литературен јазик“ е сведоштво за јазичната независност што ја легитимираше нацијата.

Во Народноослободителната борба, пак, личности како Методија Андонов-Ченто и Лазар Колишевски, и покрај нивните идеолошки разлики, придонесоа за институционалното оформување на Македонија во рамките на Југославија. Ченто јасно нагласуваше: „Ние Македонците имаме свој јазик и нашите деца имаат право да зборуваат насекаде на својот мајчин јазик“. Со ова тој ги бранеше автономијата и иднината на Македонија како самостојна држава.

Кога дојде 1991 година, независноста не беше чин на еден човек, туку резултат на колективна историја. И тогаш, улогата на Киро Глигоров како прв претседател беше навистина важна, но таа се надоврза на трудот на генерациите пред него, оние со него и оние по него. Глигоров мудро рече: „Ние сме мала земја, но тоа не значи дека сме мала нација. Нашата сила е во мудроста, трпеливоста и во тоа што знаеме да живееме со сите наши соседи“.