Илустрација: „Нова Македонија“

„Манекен пис“ (Manneken-Pis) е статуа и еден од најпрепознатливите симболи на Брисел, Белгија. Ова мало бронзено момче, високо само околу 55 сантиметри, со својата загадочна насмевка и очигледно непоколеблив став, го претставува токму духот на еден силен карактер што е слободен, независен, свој и бунтовен, со исклучителна смисла за хумор. Според познатата легенда, токму ова мало момче го спасило Брисел од пожар, гасејќи го запалениот фитиљ на експлозивот, и тоа на свој доста необичен начин.

И можеби токму поради горенаведеното, „Манекен пис“ е толку посебен со порака дека „не мора да бидеш голем за да си – голем“…

Многу совпаѓања и со наша Македонија, нели?

Во тој контекст, на 8 септември, на 35-годишнината од државноста на нашата Македонија, со еден возвишен чин за паметење и припадност и со силна духовна и длабока симболика, „Манекен пис“ во центарот на Брисел, во срцето на Европската Унија, ќе биде облечен во традиционална македонска народна носија!


„МАНЕКЕН ПИС“ ВО ТРАДИЦИОНАЛНА МАКЕДОНСКА РУВА

I. Брисел: Една носија, една култура, една порака

Илустрација: „Нова Македонија“

На 8 септември 2026 година, на Денот на независноста, Брисел ќе биде место на еден необичен, но длабоко симболичен чин. За првпат статуетката „Манекен пис“ (Manneken-Pis) ќе биде облечена во традиционална македонска народна носија. Во срцето на Европа, македонската традиција ќе добие свој визуелен и јавен знак!
Церемонијата ќе започне во Градското собрание на Брисел, со обраќања на претставници на Град Брисел и македонската страна, со презентација на носијата и нејзино свечено предавање на гардероберот на „Манекен пис“. Потоа следуваат процесија до фонтаната „Манекен пис“ и свеченото облекување на статуетката. На прв поглед, тоа е протоколарен настан. Но неговото значење е многу поголемо!
Македонската народна носија не е само рува во која е облечено минатото туку жива трага на нашето паметење, идентитет и припадност. Таа е материјализирано паметење. Во неа се вткаени векови знаење, рачна работа, естетика, локални традиции и меѓугенерациско пренесување вештини. Во везот, ткаењето, кројот, накитот, боите и начинот на носење се читаат приказни за Македонците што ја создале и ја пренесувале. А Македонија нема само една носија. Мијачката, брсјачката, дебарската, струшката, пијанечката, малешевската, мариовската, охридската, преспанската, скопската, тиквешката и другите регионални македонски носии сведочат за огромното богатство на една културна целина. Тие се различни, но препознатливи, како различни дијалекти на еден ист визуелен, македонски јазик. Токму затоа носијата е еден од најсилните симболи на македонскиот културен идентитет. Не затоа што останала непроменета низ вековите, туку затоа што се надградувала и го зачувала својот препознатлив карактер. На 8 септември тој јазик ќе биде прочитан и во Брисел. И тоа е значењето на овој чин. Не само Македонија да се претстави пред Европа туку и Европа да го препознае македонското културно наследство како дел од сопствената разновидност. П.Р.


II. Уреднички став: „Манекен пис“ како европско огледало

Понекогаш најсилните пораки не се изрекуваат на говорници. Затоа кадарот на „’Манекен пис’ во македонска носија“ има симболика што далеку го надминува протоколот. Еден од најпознатите симболи на Брисел, градот што со децении е политички и институционален центар на Европа, на денот на државноста на Македонија и 35-годишниот јубилеј ќе го носи македонскиот културен знак, белег, инсигнија – знак на припадност…

И тука симболиката станува посериозна. Затоа што една нација не постои само во документите, договорите, резолуциите и политичките формулации. Таа постои и во јазикот, во паметењето, во песната, во обичаите, во рацете на жената што везела, во ткаенината што ја ткаела, во накитот што го наследила и во облеката со која едно семејство и една заедница се препознавале себеси. Тоа не може да се избрише со политичка формула. Не може да се преименува со административен акт. Не може да се релативизира со притисок. И токму затоа оваа сцена од Брисел носи една тивка, но моќна порака: Живата култура е посилна од политичките конструкции што се обидуваат да ја објаснат, ограничат или потчинат!

Македонскиот идентитет не бара привилегија над другите. Македонскиот идентитет бара право да постои во својата целосност. Со свој јазик, своја култура, свое историско паметење и свое место меѓу европските народи. Тоа не е спротивно на Европа. Напротив. Тоа е Европа. Европа не е простор во кој различностите треба да се стопат за да станат прифатливи. Европа е простор во кој различностите треба да можат да постојат, да комуницираат и меѓусебно да се збогатуваат без некој да мора да се откаже од сопствениот идентитет.

Затоа, кога „Манекен пис“ ќе заигра во македонска носија, Македонија нема да биде само „гостин во Брисел, ниту во ЕУ“. За еден миг нашиот културен знак ќе стане интегрален и рамноправен дел од европската јавна сцена. И токму во тоа е нашата најсилна порака. Не е со сила. Не е со уцена. Не е со негирање на другиот. Туку со култура. Со достоинство. Со вистина и факти. Со она што е создавано и пренесувано од поколение на поколение.

И додека водата од „Манекен пис“ продолжува да тече, како што течела низ историјата, симболично со себе ќе понесе и една стара македонска порака: Пред живото и достоинствено постоење на еден народ, сите обиди за негово преименување и негирање остануваат минливи.

Зашто народите не се создаваат со политички формули. Тие се создаваат со векови живот. А народите што знаат кои се и како се викаат – не исчезнуваат. Тие влегуваат во Европа со своето име, со својата приказна и со своето достоинство. Нека ни се честити третиот Илинден и Денот на државноста! Р.Н.М.