Мотоциклот „нера“, кој изгледа како да е излезен од филмот „Робокап“, може наскоро да се појави на улиците и патиштата. Германската производствена компанија „Биг реп“ го создаде првиот прототип на својот електричен или е-мотоцикл отпечатен со 3Д-печатач. „Биг реп“ е лидер во индустриското 3Д-печатење од големи размери. „Нера“ е неверојатен и нов концепт, кој покажува колку далеку може да оди иновативниот метод, па дури и во производството на возила. Електричниот мотоцикл „нера“ е речиси целосно отпечатен со 3Д-печатач. Единствени делови што не се печатени се електричните компоненти што го напојуваат овој целосно функционален мотор. И безвоздушните гуми се исто така отпечатени со 3Д-печатач. Наместо традиционална суспензија, „Биг реп“ ја направи структурата на мотоциклот да биде доволно флексибилна за да ги впие нерамнините на патот. Истиот пристап го примени и на гумите што се отпечатени со 3Д-печатач. Материјалите што се користени за гумите се дизајнирани со сопствени шари и уникатна конструкција на матрици, кои добро прилегаат на патните површини и лесно ги надминуваат нерамнините.
„Нера“ претставува првиот целосно отпечатен мотор со 3Д-печатач и комплетно функционален електричен мотоцикл во светот. Исто така „нера“ моментално не се наоѓа на производствената линија. Од берлинската компанија велат дека сега сакаат само да го покажат прототипот и да се покаже потенцијалот на 3Д-печатењето.
„Нера“ комбинира неколку иновации развиени од „НАУ-лаб“, како што се безвоздушната гума, функционалната интеграција и вградената сензорска технологија. Со тежина од само 60 килограми, велосипедот може да се пофали со неколку футуристички карактеристики, вклучувајќи и безвоздушни гуми со индивидуално нагодување, програмски вградени лед-светла, индивидуално седиште и визуелно впечатлив ромбоиден изглед. Футуристичкиот дизајн на овој мотоцикл не е сличен на кој било друг мотоцикл.
– Во изградбата на „нера“, инженерите не ги адаптираа веќе постојните дизајни на мотоцикли туку пристапија кон креирање нов и креативен дизајн, со кој се кршат границите на традиционалниот механички инженеринг – вели д-р Стефан Бејер, извршен директор и коосновач на „Биг реп“.
Една од првите работи што ќе се забележуваат кај мотоциклот е големиот празен простор, каде што вообичаено е поставен моторот. Наместо типичен мотор, во задното тркало на мотоциклот е скриен електричен мотор со батерии, кои се вградени во неговата минималистичка каросерија. Електричниот мотор е опремен со приспособлива кутија, а мотоциклот има флексибилни браници на местото на стандардната суспензија. За жал, не се откриени бројките за перформансите на е-мотоциклот „нера“. Но и не се очекува да има некакви посебни перформанси, затоа што овој концепт на мотоцикл е направен претежно да се демонстрираат производствените можности на 3Д-печатењето. „Нера“ е изграден од само 15 различни дела, а вкупната тежина изнесува само 60 килограми, што го прави речиси 50 килограми полесен од скутерот „хонда метрополитен“.
– Овој мотор и другите наши прототипови ги поместуваат границите на инженерската креативност и ќе ја преструктурираат технологијата на адитивното производство и на 3Д-печатењето – објасни Даниел Бининг, коосновач и извршен директор на „НАУ-лаб“, одделот за иновации во „Биг реп“.