Фото: ЕПА

ЕНЕРГЕТСКИОТ ШОК ЈА ТУРНА ЕВРОЗОНАТА НА 3,3 ОТСТО ИНФЛАЦИЈА ВО АВГУСТ

  • Инфлацијата во еврозоната повторно забрза и во август достигна 3,3 отсто на годишно ниво, покажува првата процена на „Евростат“. Тоа е значителен скок во однос на јулските 2,9 отсто и највисоко ниво во последните речиси три години. Главниот двигател овој пат повторно е енергијата – токму категоријата што најбрзо реагира на геополитичките потреси и нарушувањата на глобалните пазари.

Цените повторно забрзуваат

Цените на енергентите во август биле за 14,3 отсто повисоки отколку една година претходно, забрзувајќи од растот од 10,3 отсто во јули. На месечно ниво, енергетските цени се зголемиле за 2,9 отсто, што е исклучително силен придонес кон вкупната инфлација. Зад овој пресврт стои новиот геополитички шок на Блискиот Исток, со нарушувања на снабдувањето со нафта и гас и неизвесност околу транспортните маршрути, особено низ Ормускиот Теснец. Повисоките трошоци за енергија постепено се прелеваат и во другите сегменти на економијата. Но дали новиот инфлаторен бран, сепак, има поинаква структура од оној од пред неколку години?

Алармантно е како што изгледа или не?

Иако бројката од 3,3 отсто изгледа загрижувачки, структурата на инфлацијата открива една важна работа. Засега нема нова забрзувачка инфлаторна спирала.
Базичната инфлација, која ги исклучува енергијата, храната, алкохолот и тутунот, во август се намали од 2,5 на 2,4 отсто. Уште позначајно, инфлацијата кај услугите – индикатор што Европската централна банка внимателно го следи затоа што е поврзан со домашните трошоци и платите – се намали од 3,3 на 3 отсто. Тоа значи дека досегашниот скок на енергетските цени сè уште не се претворил во масовно зголемување на цените на услугите и другите производи. Но токму тука се наоѓа и најголемиот ризик. Ако високите цени на горивата, гасот и електричната енергија се задржат подолг период, компаниите ќе бидат принудени да ги префрлат повисоките производни и транспортни трошоци врз потрошувачите. Тогаш инфлацијата повеќе нема да биде само „енергетска“ туку би можела повторно да стане широко распространета.

ЕЦБ пред нова дилема

Фото: Маја Јаневска-Илиева

За Европската централна банка новите податоци доаѓаат во исклучително незгоден момент. Нејзината цел е инфлацијата на среден рок да биде околу два отсто. Со 3,3 отсто, еврозоната е значително над таа граница. Во исто време, базичната инфлација се намалува, што е аргумент за претпазливост. ЕЦБ во јули ги остави каматните стапки непроменети: депозитната стапка остана 2,25 отсто, главната стапка за рефинансирање 2,4 отсто, а маргиналната кредитна стапка 2,65 отсто. Но пазарите сега речиси целосно очекуваат ново зголемување на каматите на септемврискиот состанок. Најчесто споменуваното сценарио е зголемување од 0,25 процентни поени, со што депозитната стапка би достигнала 2,50 отсто. Тоа би било уште еден чекор кон построга монетарна политика во момент кога европската економија сè уште се обидува да обезбеди посилен раст.

Европа меѓу инфлацијата и слабеењето на економијата

Проблемот за централната банка е што денешната инфлација не е предизвикана првенствено од преголема домашна побарувачка. Овој пат шокот доаѓа преку геополитиката (и се разбира извира од енергетските пазари). Зголемувањето на каматите може да ја намали побарувачката, да го поскапи кредитирањето и да ги одложи инвестициите. Но со повисоки камати не може да се произведе повеќе нафта или гас, ниту може да се отвори затворена транспортна маршрута. Оттука и сложената позиција на ЕЦБ. Имено, таа мора да спречи енергетскиот шок да се претвори во трајна инфлација, но притоа да не ја задуши економската активност. Во своите проекции од јуни, ЕЦБ веќе ја подигна процената за просечната инфлација во 2026 година на три отсто, со очекување таа да се намали на 2,3 отсто во 2027 и на два отсто во 2028 година. Новото забрзување во август покажува дека патот до тие проекции може да биде многу понеизвесен.

Големи разлики меѓу членките

Просекот на еврозоната, се разбира, ја прикрива огромната разлика меѓу одделните економии. Литванија во август имала инфлација од 5,8 отсто, додека во Естонија таа била само 1,3 отсто. Меѓу најголемите економии, Германија била на 2,9 отсто, а Франција на 2,7 отсто. Шпанија, пак, се издвојува со значително повисока инфлација, додека Италија стигна до 3,2 отсто. Овие разлики се важни и од политички аспект. Една каматна политика треба да одговара на различни економски услови во дваесет и една економија што ја користат заедничката валута. За земјите со висока инфлација, повисоките камати може да бидат неопходни. За оние каде што инфлацијата е ниска, тие може да претставуваат непотребен товар за економијата.

Енергетиката се етаблира како економско оружје

Најголемата опасност за Европа лежи во тоа што енергетскиот шок може да трае подолго од очекуваното. Растот на цените на нафтата и природниот гас веќе ги зголемува трошоците за транспорт, производство и за греење. Енергетски интензивните индустрии се особено ранливи, а поскапата логистика се пренесува низ целиот синџир на снабдување. Европските пазари на гас во последните денови повторно се под силен притисок, додека стравувањата од прекини во снабдувањето го зголемуваат ризикот од уште поскапа енергија во пресрет на зимата. Тоа е сценариото од кое европските монетарни власти најмногу стравуваат: инфлацијата прво расте поради енергијата, а потоа почнува да се прелева во платите, услугите и во цените на производите.

Следната битка ќе биде за – очекувањата

За ЕЦБ клучното прашање повеќе не е само колку чинат нафтата и гасот денес, туку што очекуваат домаќинствата и компаниите дека ќе се случува утре. Ако граѓаните очекуваат трајно поскапување, тие бараат повисоки плати. Компаниите, пак, ги зголемуваат цените за да ги покријат повисоките трошоци. Така, енергетскиот шок може да прерасне во поширока инфлација. Засега, податоците не покажуваат дека таквата спирала е целосно активирана. Падот на базичната инфлација и на инфлацијата кај услугите е позитивен сигнал. Но инфлацијата од 3,3 отсто е јасно предупредување дека европската ценовна стабилност повторно е ранлива на геополитиката.

Кои се пресметките за европските домаќинства?

За обичниот европски потрошувач, статистичките проценти најбрзо се претвораат во сметки. Поскапата енергија значи поскапо гориво, повисоки трошоци за транспорт и потенцијално повисоки сметки за греење и електрична енергија. Дури и кога цените на храната растат побавно – во август инфлацијата кај храната, алкохолот и тутунот била 1,2 отсто – енергетскиот удар може индиректно да ги зголеми трошоците за производство и дистрибуција. За компаниите, пак, комбинацијата од поскапа енергија и поскапо финансирање може да значи помали маржи, одложени инвестиции и поголем притисок врз конкурентноста. Оттука произлегува поширокиот економски ризик: Европа може да се најде во ситуација во која инфлацијата расте токму во момент кога економскиот раст е релативно слаб. Е.Р.


Нова европска неизвесност

Индикатори од августовската инфлација

Августовската инфлација покажува дека битката со инфлацијата во Европа не е завршена. Иако сегашниот шок има поинаков карактер од инфлаторниот бран од 2021 до 2022 година, искуството од тој период покажува колку брзо енергетските цени можат да се прелеат врз целата економија. Затоа септемвриската одлука на ЕЦБ ќе биде повеќе од обично поместување на една каматна стапка. Таа ќе биде сигнал за тоа како централната банка го гледа ризикот од нов долготраен инфлаторен циклус. Еден дополнителен потег нагоре веројатно ќе биде оправдан со потребата да се зачуваат инфлаторните очекувања под контрола. Но прашањето што ќе следува потоа е многу посложено. Доколку енергетскиот шок се смири, ЕЦБ може да запре. Доколку, пак, геополитичката нестабилност продолжи и високите цени на енергијата почнат посилно да се прелеваат во базичната инфлација, Европа може да влезе во нов циклус на затегнување. Една работа веќе е јасна: инфлацијата повторно се враќа како централна економска тема на Европа, а енергетиката повторно ја покажува својата моќ да ги диктира монетарната политика, животниот стандард и конкурентноста на европската економија. Е.Р.