Сузбиена е криминална група и поднесени се кривични пријави за шест физички и три правни лица за перење пари и проневера во службата, при што биле проневерени над два милиони евра, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Оттаму информираат и дека од слобода се лишени три лица.
Во полициската акција, спроведена на 2 и 3 септември под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се лишени од слобода три лица – С.С., Ш.С. и З.Ѓ. При претресите на повеќе локации во Скопје се пронајдени и одземени околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци и 100 долари, како и повеќе мобилни телефони и две патнички возила.
Според истрагата, меѓу пријавените се С.С. (49), сопственик и управител на правно лице од Кучевиште и неизвршен член на одбор на директори во осигурително брокерско друштво, Ш.С. (29) и З.Ѓ. (58), извршни членови на одборот на директори во истото друштво. За проневера во службата се пријавени и Д.М. (54), раководител на станица за технички преглед, и М.Д. (40), вработен во друштво за книговодствени услуги. Т.М. (64), вработена во Јавното претпријатие за државни патишта како помошник-директор за финансии, е пријавена за несовесно работење во службата, информираа од МВР.
Полицијата утврдила дека главниот механизам на наводната проневера се воспоставува преку правно лице од Кучевиште, кое од 2011 година има овластување за вршење технички преглед на возила.
































