Фото: Пиксабеј

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потврди присуство на западнонислка треска кај мртов гавран во Ресен, што според министерот за здравство Сашо Клековски, е доказ за локална циркулација на вирусот.

-Агенцијата за храна и ветеринарство исто така го потврди мртвиот гавран со вирус на западнонилска треска во Ресен, во централното подрачје во паркот покрај општината. Гавранот е генерално стационарна птица, значи не е птица преселница и пронаоѓањето на мртвиот гаван е показател на локална циркулација на вирусот на западнонилска треска – рече министерот Клековски.

За мртвиот гавран заразен со вирусот Клековски вели дека веднаш го известиле Центарот за јавно здравје Битола и градоначалникот на Општина Ресен. Очекува тие да направат ревизија на плановите за прскање против комарци и да почнат со прскање по индикација.

Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти ќе се спроведе активна контрола на живина во дворови и селски стопанства, птици кои се чуваат во кафези или друг затворен или ограден простор и одгледувалишта на водени птици во дворови и селски стопанства на целата територија на државава, како дел од засилените мерки за утврдување на состојбата со западнонилската треска кај живината во Македонија.

-Со засилениот надзор преку земање на примероци од крв за лабораториско тестирање на утврдување на присуство и на вирусот на Западно нилска треска ќе биде опфатена живина од видовите кокошки, мисирки, бисерки, фазани, еребици, потполошки, ноеви, како и диви птици од видовите гуски, пајки, лебеди, штркови, чапји, соколи, галеби, страчки, бувови, корморани јастреби и други. Пасивниот надзор на болеста птичји грип се спроведува во текот на целата година, преку пријавување на сомнеж за постоење на клинички знаци на болеста, односно преку пријавување на угината живина, водни и диви птици, а истиот метод сега се однесува и на западнонилската треска – информираше АХВ.

Корисниците на дивечот во ловиштата, зоолошките градини, птици чувани во заробеништво и националните паркови до надлежниот официјален ветеринар или надлежното ветеринарно друштво треба да ја пријават секоја најдена угината дива птица, од кои ќе бидат земени примероци за лабораториско тестирање. Сите ловни друштва се должни да го пријават отстрелот на диви птици во ловната сезона од кои исто така од официјален ветеринар или од надлежно ветеринарно дрштво ќе бидат земени мостри за лабораториско тестирање.

АХВ апелира до одгледувачите на живина да ги почитуваат мерките за биосигурност, да го ограничат контактот на домашната живина со диви птици и секоја зголемена или невообичаена смртност кај живината навремено да ја пријават кај ветеринарно друштво или официјален ветеринар. Зголемената смртност кај живината задолжително треба да се пријави.