Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) нема да покрене постапка за гласање недоверба на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, туку ќе се насочи кон негово поразување на претседателските избори во март 2027 година, објави „Би-би-си“ (BBC).
Според британскиот јавен сервис, во УЕФА процениле дека обидот за предвремено сменување на Инфантино би бил сложен и неизвесен и дека неуспешното гласање би можело дополнително да ја зацврсти неговата позиција.
Европската фудбалска организација и натаму смета дека Инфантино треба да ја напушти функцијата. Наместо гласање недоверба, се очекува УЕФА да поддржи заеднички противкандидат на изборите за претседател на ФИФА.
За победа на претседателските избори се потребни најмалку 106 гласа од вкупно 211 национални фудбалски асоцијации. Во УЕФА, според извештајот, сметаат дека дури и ако Инфантино биде реизбран, силниот противкандидат би го довел во прашање неговиот авторитет во светската фудбалска организација.
Статутот на ФИФА не содржи посебна одредба за гласање недоверба на претседателот. За свикување вонреден конгрес е потребно писмено барање од најмалку 43 од вкупно 211 членки, услов што УЕФА со своите 55 национални асоцијации може самостојно да го исполни.
Конфликтот со Инфантино избувна по неговиот предлог за создавање комерцијален субјект „ФИФА форвард ентерпрајз“ (FIFA Forward Enterprise) и продажба на повеќе од 20 проценти од него на приватни инвеститори. Новата компанија требаше да управува со комерцијалните права на Светското првенство и на други натпреварувања на ФИФА.
По објавувањето на планот, сите 55 членки на УЕФА се заканија дека ќе ги бојкотираат натпреварувањата на ФИФА. Планот потоа беше повлечен, а УЕФА доби гаранции дека сличен предлог нема повторно да биде покренат.
Поради тоа, европската организација ја повлече заканата за бојкот, но најави дека ќе продолжи да бара промени во управувањето со ФИФА.


































