Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф, за време на посетата на Москва ја предупредил Русија да не презема напади врз членки на НАТО, објавија „Волстрит џурнал“ и „Политико“, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.
Ретклиф во вторникот ненајавено допатува во рускиот главен град, но официјално не беа објавени детални информации за неговата мисија и за темите за кои разговарал.
Според „Волстрит џурнал“, посетата била организирана по новите процени на американските разузнавачки служби дека рускиот претседател Владимир Путин во следните години би можел да се обиде да ја тестира решителноста на НАТО со ограничен напад врз некоја од членките на Алијансата.
„Политико“ објави дека предупредувањето било насочено првенствено кон можноста за руска ескалација против балтичките членки на НАТО – Естонија, Латвија и Литванија.
Според изворите на медиумот, Ретклиф побарал од Москва да ја намали и воената и економската поддршка за Иран.
ЦИА не ја коментираше содржината на разговорите.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека директорот на ЦИА разговарал со претставници на руските разузнавачки служби, но не откри за кои теми станувало збор. Тој соопшти дека Ретклиф не се сретнал со Путин, но дека рускиот претседател веднаш бил информиран за резултатите од посетата.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, негираше дека посетата била поврзана со можен руски напад врз НАТО или со санкциите против Иран.
– Ништо од наведеното. Тој е таму во рамките на, би рекол, полурутинска посета – изјави Трамп, додавајќи дека од разговорите можеби ќе произлезе нешто корисно и дека Вашингтон работи на завршување на војната во Украина.
Ова е прва јавно позната посета на Ретклиф на Москва откако ја предводи ЦИА. Последен директор на агенцијата што ја посетил Русија бил Вилијам Барнс во ноември 2021 година.
Барнс тогаш, по налог на претседателот Џо Бајден, го предупреди Путин да не започнува инвазија врз Украина. Три месеци подоцна, во февруари 2022 година, Русија ја почна целосната инвазија.


































