На факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје денеска треба да бидат објавени конечните ранг-листи за прием на студенти во прва година во академската 2026/2027 година.
Станува збор за кандидатите што се пријавија во првиот уписен рок, организиран на 18 и 19 август. Запишувањето на примените кандидати ќе се врши на 3 и 4 септември.
Со конкурсот на УКИМ, на 23 факултети беа предвидени вкупно 8.851 место за бруцоши во новата академска година, која ќе почне на 1 октомври.
Од нив, 4.395 места се за редовни студенти финансирани од државниот буџет, 3.621 за редовни студенти што ги кофинансираат студиите, а 835 за вонредни студенти.
Најмногу места се предвидени на Медицинскиот факултет – 950, Филолошкиот факултет – 805, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – 800, Економскиот факултет – 655, Филозофскиот – 635 и Природно-математичкиот факултет – 626.
Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет имаат по 600 места, а Правниот факултет „Јустинијан Први“ – 555.
Студентите примени во државната квота плаќаат партиципација од 200 евра во денарска противвредност, додека редовните студенти со кофинансирање и вонредните студенти плаќаат по 400 евра.
Вториот рок за пријавување е на 10 и 11 септември, а третиот на 23 септември, на факултетите на кои ќе останат слободни места.
Пред пријавувањето, кандидатите треба да се регистрираат на системот за уписи на УКИМ и да ја пополнат електронската пријава во системот iKnow. Бројот што автоматски ќе го добијат при електронското пријавување треба да го внесат и во пријавата што се поднесува во службата за студентски прашања на избраниот факултет.




































