ЏУДО
Изминатите две недели беа исполнети со нови големи предизвици и меѓународни ангажмани за македонската џудо-судијка Катерина Николовска. Со почетокот на домашниот Европски јуниорски куп, кој неодамна успешно заврши во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, и по ангажманот како судијка на гранпри-турнирот во Лима (Перу), Николовска веднаш се упати кон Светското првенство во кадетска конкуренција во Гвајакил (Еквадор), каде што повторно го претставува македонското џудо на највисоко светско ниво.
– За неа нема пауза. Следниот ангажман се Медитеранските игри (МИ) во Таранто, натпреварување на кое Катерина Николовска во минатото настапуваше и како натпреварувачка, претставувајќи ги Македонија и Македонскиот олимписки комитет на Медитеранските игри во Мерсин во 2013 година. Веднаш по Таранто следува уште еден значаен ангажман, а тоа е Европското првенство за јуниори во Подгорица, Црна Гора. Од натпреварувачките татами до најголемите светски турнири во улога на судијка, патот го продолжува со многу работа, посветеност и љубов кон џудото – информира Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ). Г.И.



































