Светислав Пешиќ - Фото: КФМ

КОШАРКА – ВО СКОПЈЕ УСПЕШНО ЗАВРШИ ТРЕНЕРСКАТА КЛИНИКА НА КФМ

  • На едно место беа обединети реномирани кошаркарски стручњаци и тренери од македонските клубови, како и голем број љубители на кошарката

Во организација на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), на 24 и на 25 август во Скопје се одржа тренерската клиника, која на едно место обедини реномирани кошаркарски стручњаци и тренери од македонските клубови, како и голем број љубители на кошарката. Клиниката се одржа во салата на Работнички, која со гордост го носи името на еден од најпознатите и најпризнаени македонски кошаркарски стручњаци, легендарниот Лазар Лечиќ, човек што остави неизбришлива трага во македонската и пошироко во југословенската кошарка, пишува КФМ.

Во текот на двата дена присутните имаа можност да проследат исклучително квалитетна и разновидна програма, посветена на современите трендови во кошарката, развојот на младите играчи, односот тренер-родител-спортист, како и на најновите промени во кошаркарските правила, пишува КФМ. Посебна чест за македонската кошарка беше присуството на еден од најголемите европски тренерски авторитети, Светислав Пешиќ, кој своето огромно знаење и искуство ги пренесе преку темите „Дефанзивна транзиција“ и „Позициска одбрана“. Селекторот на Македонија, Хосе Мариа Берокал, ја обработи темата „Офанзивна транзиција“, додека Саша Грујиќ сo две предавања се осврна на развојот на офанзивната тимска игра и на индивидуалните вештини во младинската кошарка, со посебен акцент на возраста од 10 до 18 години.

Значаен сегмент од програмата беше посветен и на правилниот развој и самодовербата кај младите спортисти преку односот тренер-родител-спортист, а Судиската комисија при КФМ ги презентира промените на правилата, кои стапуваат во сила на 1 октомври. Квалитетот на клиниката беше неспорен, а најдобра потврда за тоа беа интересот и присуството на досега најголем број тренери од македонските клубови на еден ваков настан, како и на голем број други кошаркарски работници и љубители на играта. Особено радува фактот што во текот на двата дена салата „Лазар Лечиќ“ беше место на размена на знаење, искуства и идеи, но и место каде што уште еднаш се почувствува силната поврзаност на македонската кошаркарска заедница, пишува КФМ.

„КФМ упатува благодарност до сите предавачи што несебично ги споделија своето знаење и искуство, како и до сите тренери, кошаркарски работници и посетители, кои со своето присуство придонесоа тренерската клиника да добие значење и вредност. Големата посетеност, вниманието со кое беа проследени предавањата и интересот за сите обработени теми се уште една потврда дека во Македонија постои силна желба за постојано учење, усовршување и следење на современите кошаркарски тенденции. Но, пред сѐ, тие се потврда на нешто што за нас има посебна вредност: Кошарката во Македонија се почитува, се сака и има луѓе што се подготвени постојано да вложуваат во нејзината иднина. КФМ и во иднина ќе продолжи со организација и поддршка на вакви едукативни настани, со цел унапредување на тренерската струка, создавање подобри услови за развој на младите кошаркари и континуирано подигнување на квалитетот на македонската кошарка“, пишува КФМ. Г.И.