КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2029
- Респект кон противникот мора да постои, но фокусот треба да биде на нас и на нашата игра, вели македонскиот селектор пред дуелот в недела на гости со Австрија
Кошаркарската репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Жозеп Мариа Берокал, продолжува со подготовките во Скопје, за дуелот со Австрија, в недела во Виена (16.05 ч.), во втората рунда од претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029 година. Берокал го има речиси комплетниот состав.
– Веројатно го имаме најдобриот состав. Имаме на располагање 14 кошаркари, речиси комплетен состав, со исклучок на Јакимовски. Ова е многу краток период за подготовки. Она што е добро за нас е што ги имаме играчите на кои сметавме. Секако, важен дел од сето ова е и тоа дека го респектираме противникот. Во секој тим има промени, но тоа е дел од кошарката – вели Берокал, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Берокал верува во квалитетот на своите избраници, но истовремено нагласува дека предноста мора да биде потврдена на теренот.
– Ќе победиме со Австрија ако играме добра кошарка. Мислам дека треба да одиграме паметно и заедно, затоа што имаме квалитет. Убеден сум дека можеме да бидеме подобри, но тоа треба да го покажеме на теренот. Во оваа кратка седмица, вклучувајќи ја и неделата, заедно со помошта што треба да ја добиеме од Димитријевиќ, Мекиќ, Рајт, но како и секогаш, сѐ зависи од нас. Респект кон противникот мора да постои, но фокусот треба да биде на нас и на нашата игра – вели македонскиот селектор.
Берокал потенцира дека промените во составите се составен дел од репрезентативната кошарка и дека Македонија мора да биде концентрирана на сопствената игра.
– Во овој момент сите играат кошарка. Добра кошарка. Некогаш недостасува некој играч. Се сеќавам дека со Луксембург имавме таков случај токму ние. Некогаш ќе загубите некој играч, но во исто време ќе се појави некој друг што ќе даде свој придонес во успехот. Не играат имињата, на теренот се игра пет на пет. Можеби некои работи не можеме да ги контролираме, но можеме да се контролираме себеси. Без оглед дали станува збор за Литванија или за Австрија, мора да се натпреваруваме како национален тим. Тие се добар тим и ги респектираме. Но треба да играме со голема самодоверба за да ги зголемиме нашите шанси за конечен успех. Одиме ден по ден, натпревар по натпревар. Таков е и нашиот менталитет – вели Берокал, пренесе КФМ. Г.И.



































