Прашањето за маркација и демаркација и обидите за криминално уништување на едно легално институционализирано теренско обележување
- Инцидентот на Шар Планина значи дека сѐуште постои некој кому му пречи тоа што патеката, линијата, територијата… станува уредена, означена и видливо институционализирана
Над 45 од вкупно 112 столба на патеката Попова Шапка–Титов Врв се уништени, оштетени или отстранети. Некои од столпчињата за маркирање, според објавените фотографии и сведоштвата, биле сечени со брусилка (алат-шмишајбна). Тоа веќе не личи на случаен излив на бес, ниту на обична планинарска некултура. Маркацијата била поставувана од ноември 2025 до јули 2026 година, со учество на повеќе од 25 локални волонтери и мали бизниси од Тетово и Боговиње. Проектот бил дел од „Славков“, меѓународна иницијатива поддржана од Австрија, Чешка и Словачка. Сега, со сторениот инцидент, материјалната штета е проценета на најмалку 8.000 евра.
– Осумте илјади евра во моментов се најмалку важниот дел. Има еден момент на кој треба посебно да се обрне внимание, кој е во контекст со постојаните обиди на одредени групи со екстремистичка заднина да ги радикализираат состојбите во државава,зашто столбот на планината не е само обична маркација. Тој е знак дека некој ја уредува планината, ја мапира, ја прави достапна и над сѐ – сигурна и безбедна. Дека таму има патека. Дека постои јавен простор. Дека тој простор е дел од една држава што има институции, граѓани, туристи, планинари и правила. А некој не го сака тоа, ниту го почитува и има сосема друга агенда и матрица на поведенија – велат наши соговорници, професори на Факултетот за безбедност со кои редакцијата има чести брифинзи за безбедносни теми.

Кој има потреба од невидлива територија?
Според нашите брифери, токму тука почнува политичко-безбедносната димензија на оваа приказна.
– Да, можно е да станува збор за вандализам. Можно е да се работи за локална нетрпеливост, инатење или обична деструкција. И тоа легитимно влегува во т.н. „криминалистички верзии за истражување една безбедносна појава“. Но, кога некој не уништува еден, два или три столба, туку исчезнуваат или се оштетуваат повеќе од 40 проценти од новопоставената зимска маркација, прашањето се качува на повисоко скалило. И затоа, во истражувањето на верзиите за тоа што се случило и барајќи ги другите одговори на „седумте златни криминалистички прашања“, тогаш и се поставува гласно прашањето кому му пречи тоа што територијата станува уредена, означена и видливо институционализирана – велат нашите соговорници, експерти по безбедносни прашања.
Полицијата веќе извршила увид и ги документирала оштетувањата. Затоа одговорот не треба да биде политичка претпоставка, туку сериозна истрага! Но ако се покаже дека зад ова стои организирана група, тогаш не зборуваме за вандализам. Зборуваме за политичка порака испратена со сила и политичко насилство. Н.М.
Што значи да се брише знак?
Во Западна Македонија, за жал, ваквата порака не е преседан. Со години постои проблем со оштетување, отстранување или сквернавење спомен-обележја и симболи. Карпалак е можеби најболниот пример. На 8 август годинава беа одбележани 25 години од загинувањето на десеттемина македонски бранители кај Карпалак. И наместо прашањето за споменикот да биде затворено по четврт век, Македонија и понатаму се соочува со недостоинствено повторно уништување на спомен-таблата, обележје на самото место на трагедијата. Ако, како што се известува, меморијалната ознака повторно била оштетена непосредно по годишното чествување, тогаш тој чин мора да се гледа во поширок контекст. Не затоа што секој скршен споменик автоматски значи политички заговор. Туку затоа што повторливоста на ваквите чинови бара одговор. Н.М.


































