Од творештвото на Иван Глигоровски
Беше четврти август. Топол сончев ден. Малиот Ристе Глигоровски го прослави својот четврти роденден. Се радуваше што веќе е поголем уште за една година. Се разбира, беше воодушевен и од добиените подароци од најблиските…
Сепак, за малиот Ристе, најсреќно беше доживувањето од првиот ден во неговата петта година. Пладневната досадност за час беше нарушена. Над куќите во струмичкото село Зубово, како и во близина на куќата на неговите дедо Никола и баба Дана, во бескрајното сино небо, високо се вишнееше големо јато птици. Сигурно ги имаше повеќе од 200. Тоа беа штркови.
– Ова се младите штркови – му подрече баба му на Ристе, гледајќи го восхитено загледан кон небото, па продолжи. – Тие кружат околу селото и се учат да летаат. По некој ден ќе тргнат на далечен пат – кон топлите краеви на Земјината топка. Треба да пристигнат дури до Африка.
– Бабо, сакам да ги фатам, да ги погалам штрковите?! Дали тие ќе слетаат на земјата – нестрпливо потскокнуваше Ристе.
– Тие ќе слетаат, чедо, на куќите, на нива, но дали ќе можеш да ги дофатиш, не знам, тие се плашливи- го смири баба му.

И навистина, по кратко време, јатото штркови почна да го свртува правецот на летање кон селото. Почна да се растура по групи составени од по десетина и повеќе штркови. За кратко време куќите во Зубово како да беа преплавени со птици. На една куќа слетуваа и по 20 штрка. Со своите раширени црно-бели крилја слетувајќи на покривите на куќите како да носеа силен ветар.
Несекојдневната глетка со доаѓањето на многубројните штркови не го изненади само скопјанчето Ристе, кое беше на гости кај својата баба и кај својот дедо, туку беа изненадени и сите зубовчани. Тие велат дека не паметат досега наеднаш толку многу штркови во исто време да слетаат на покривите на нивните куќи.
Ваквиот масовен собир и престој на убавите птици во Зубово беше краток. Тие по пауза од дваесетина минути го напуштија селото. Всушност, се збогуваа од гнездата во кои се родија многу млади штркчиња, што ќе ги придружуваат при враќањето во топлите краишта на Земјината топка. Ристе натажен дека нема повеќе да ги види потрча надвор од селото – кон полето. И, каква глетка, сите штркови беа слетани во една нива, крај пченката. Човек што не знае што има на нивата, на прв поглед ќе помисли дека тоа е стадо овци. Ристе, возбуден и нестрплив што ќе биде понатаму, поита кон штрковите. Сакаше да биде поблиску до нив, да фати некое штркче, да го погали или да му даде малку храна, за по пат… Полека се доближуваше кон големото јато штркови. Иако мошне тивок, со желба што поблиску да се доближи до нив, итрите птици почувствуваа дека во нивна близина има некој. И така, една по една, почнаа да летнуваат и да се издигнуваат високо кон небото…
За кратко време целото јато штркови го напушти богатото со лубеници и со вкусни кикиритки – Зубовско Поле и се крена високо кон синото небо. Ристе скопјанчето гледаше со тажен поглед кога убавите птици се оддалечуваа од него. И тој како да сакаше да летне и да им се придружи.
– Штрковите дојдоа да се збогуваат со нас – внуче мое, подрече баба Дана. – Тие го напуштаат нашиот крај, бидејќи ќе дојде есен, зима, а тие не можат да живеат на студ. Заминуваат во топлите краишта. Но не биди тажен, тие ќе се вратат напролет, кога пак ќе се затопли во нашиот крај и кога сонцето силно ќе почне да грее.
Иако не многу задоволен од одговорот на својата сакана баба, Ристе ја прегрна и заедно тргнаа кон селото, со надеж што поскоро да пристигне пролетта…
Иван Глигоровски


































