Дизелот од полноќ поскапува за 3,5 денари за литар, додека цената на бензините се зголемува за 1,5 денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемуваат за 2,62 отсто.
Новата максимална малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 93 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 95 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе чини 101,5 денари за литар.
Екстралесното масло за горење (ЕЛ-1) поскапува за два денари и ќе чини 100,5 денари за литар, додека мазутот М-1 НС поскапува за 1,850 денари за килограм и ќе се продава за 45,576 денари.
Од РКЕ информираат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар бележат раст. Бензините поскапеле во просек за 3,795 отсто, дизелот за 4,842 отсто, екстралесното масло за 3,958 отсто, а мазутот за 6,467 отсто.
Во исто време, курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,5340 отсто во споредба со претходната пресметка.


































