Фото: ЕПА

Дијагнозата и терапијата што ги постави поранешниот британски премиер за војната на САД со Иран

Во најновата процена на Борис Џонсон за американската воена интервенција во Иран има нешто повеќе од критика на само една конкретна одлука на Доналд Трамп. Ставот на Борис Џонсон открива многу повеќе.

Кога сојузникот ќе му каже на Вашингтон: Стоп!

Поранешниот британски премиер, говорејќи деновиве на Форумот на светските лидери во Њу Делхи, отвори едно исклучително сериозното прашање. Имено, дали САД влегле во конфликт со јасно дефинирана цел, или во болно амбициозен проект чиј првичен воен успех постепено се претвора во стратешки проблем?!

Џонсон употребува необично силен израз – „Иран е очигледна замка за САД“, што одекна како бомба во меѓународната јавност.

Според него, „Британија можела и морала порано да го предупреди Вашингтон за последиците од неговата стратегија, особено за можноста Иран да го затвори Ормускиот Теснец“. Џонсон смета дека британските разузнавачки и безбедносни структури имале доволно знаење и искуство за да го предвидат таквиот развој. Но зад оваа забелешка стои една многу поширока негова дијагноза.

Имено, во современите војни не е најголемиот проблем како да се започне конфликтот, туку како да се дефинира моментот во кој воената сила престанува да биде средство и почнува да станува сопствена цел.

Токму тука, според Џонсон, се наоѓа Америка денес. Понатаму, каква анамнеза и каква терапија постави експремиерот на Британија?

Првата болест: војна без доволно јасна политичка цел

Најважниот дел од аргументацијата на Џонсон не е неговата критика на самите воздушни удари. Тој не застанува на прашањето дали Америка имала право или немала или, пак, каква причина имала да го нападне Иран?! Џонсон оди чекор подлабоко, односно како висински атлантистички и неолиберален политичар со силен империјален геополитички инстинкт, тој во својата дијагноза гласно го поставува прашањето: Што требаше да биде политичкиот крај на таа операција?

Неговите прашања се едноставни, но концептуално и стратешки и решителни во насока на одржување хиерархиски меѓународен поредок во кој големите западни сили имаат право да интервенираат во политичките процеси на други држави, при што Џонсон се претставува себеси како убедлив пример за либерален интервенционизам, прашувајќи го Вашингтон како учениче: Што ти е целта на војната? Што очекуваш од сојузниците? И што ќе направиш кога Иран ќе го затвори Ормускиот Теснец? Тоа е суштината на неговата анализа.

Воената сила може да уништи објекти, командни центри, инфраструктура и оружени системи. Но таа не може автоматски да произведе политички поредок. Особено не во земја како Иран – држава со сопствена цивилизациска традиција, силен национален идентитет, развиени државни институции и децениско искуство во преживување под притисок. Оттука произлегува Џонсоновото предупредување дека е „ирационално, лудо…“ да се верува дека иранскиот режим може да се промени од воздух. Тој директно се повикува на лекцијата од 2003 година и американската интервенција во Ирак. Со други зборови, Вашингтон можеби ја потценил разликата меѓу уништување воени капацитети и создавање политичка промена. Тоа се две сосема различни работи.

Втората болест: илузијата дека режимот може да се „бомбардира“ до промена

Ова е можеби најинтересниот дел од ставот на Џонсон, затоа што доаѓа од политичар што не може да се опише како противник на американската моќ или на западната безбедносна политика. Напротив, тој јасно го поддржува Вашингтон, а го спречува Иран да има нуклеарна мирновременска програма и влијание во Блискоисточниот Регион. Но Џонсон истовремено прави разлика меѓу „легитимната стратешка цел и погрешното средство за нејзино постигнување“. Тука се наоѓа неговата суштинска менторска порака.

Ако целта е да се промени Иран, тогаш бомбардирањето не е доволно. Ако целта е да се спречи иранската нуклеарна способност, тогаш мора да постои план што следува по воената операција. А ако целта е да се спречи регионалната дестабилизација, тогаш мора да се пресмета и со иранскиот одговор. Во спротивно, тактичката победа може да произведе стратешки пораз. Историјата на Блискиот Исток токму со такви парадокси е исполнета. Имено, од една страна може да добие битка, а сепак да ја изгуби политичката иницијатива.

Ормускиот Теснец – контраоружјето на Техеран

Џонсон особено го издвојува Ормускиот Теснец. И тука неговата анализа станува глобална, а не само американско-иранска. Иран не мора да биде во состојба да ја победи Америка во класична воена смисла за да ѝ нанесе огромни политички и економски трошоци. Доволно е да создаде сериозна закана за енергетските и трговските текови. Токму затоа Џонсон предупредува дека можноста за затворање на Ормускиот Теснец морала да биде дел од пресметката пред почетокот на операцијата, а не последователна криза со која Вашингтон и неговите сојузници ќе се соочуваат откако конфликтот веќе е започнат. Џонсон всушност ја открива суштинската асиметрија на конфликтот. Америка располага со огромна воена моќ. Иран, пак, располага со можност да влијае врз просторот низ кој поминува клучен дел од светската енергетска трговија. Затоа Ормускиот Теснец станува повеќе од географска точка. Тој станува економско-политички лост. И тука американската сила се соочува со својата граница. Невозможно е секој геополитички проблем да се реши со дополнителна воена сила без истовремено да се создадат нови ризици.

Третата болест: сојузништво без стратешки разговор

Џонсон, интересно, не ја обвинува само Америка. Значаен дел од неговата критика е насочен кон сопствената земја. Според него, Лондон требало да постави „тешки прашања“ пред американската интервенција. Ако Британија е еден од најблиските сојузници на Вашингтон, тогаш нејзината улога не може да биде само да следи. Тука Џонсон отвора едно непријатно прашање за западниот свет: Дали сојузништвото значи безусловна поддршка или, напротив, доволно голема доверба за да му се каже на најмоќниот сојузник дека можеби греши? Од негова перспектива, вистинското сојузништво го подразбира второто. Британија, вели тој, можела да одигра посилна улога во обидот да се спречи американската грешка. Според некои аналитичари, ова е важна порака на Џонсон и за Европа: Стратешката автономија не мора да значи спротивставување на Америка; понекогаш значи способност да се разговара со Америка како сојузник, а не како клиент!

Терапијата: не капитулација, туку излез од ќор-сокакот

Џонсон не предлага американско повлекување по секоја цена. Неговата „терапија“ е посложена.

Првата задача е да се најде излез од политичкиот и воениот ќор-сокак. Втората е повторно да се воспостави слободната пловидба низ Ормускиот Теснец. Третата е да се намали енергетската ранливост на светската економија. Тоа значи дека терапијата мора да има три нивоа.

Прво, дипломатско: да се отвори простор за преговори и политичко решение.

Второ, стратешко: да се избегне идејата дека падот на иранскиот режим може да биде наметнат однадвор. Трето, економско: западните држави да изградат алтернативни транспортни правци и нафтоводи за светот да не биде толку зависен од една тесна точка како Ормускиот Теснец. Џонсон предлага токму тука да се активира поширока координација меѓу САД, Британија и Индија.

А зошто токму Индија?

Овој елемент од експликацијата на Џонсон на Форумот на светските лидери во Њу Делхи е особено значаен. Ако Вашингтон и Лондон ја гледаат кризата само низ американско-иранската призма, тие ризикуваат да ја пропуштат нејзината глобална димензија. Но Индија има сосема поинаква геополитичка позиција: голема економија, огромна енергетска потреба и растечка стратешка тежина. Затоа триаголникот Вашингтон–Лондон–Њу Делхи може да се разбере како обид кризата да се извади од тесната рамка на „Америка против Иран“ и да се претвори во поширок проект за стабилизација на трговијата и енергетските текови. Во оваа перспектива, Џонсон всушност предлага геополитичка диверзификација: ако Ормускиот Теснец е потенцијална точка на уценување, одговорот не е само во воената заштита на теснецот туку и во создавање алтернативи. Тоа е многу подлабока стратегија од едноставното испраќање дополнителни воени сили.

Иран не треба да се „освои“ за да биде ограничен

Најважниот заклучок од Џонсоновата анализа е можеби токму во оваа разлика. Западот може да има легитимна причина да сака Иран да биде спречен да произведе нуклеарно оружје и да ја ограничи својата поддршка за вооружени прокси-групи. Но од тоа не следува дека Западот мора да го урне иранскиот политички систем. Џонсон експлицитно смета дека политичката промена во Иран може да дојде само однатре, со поддршка и охрабрување на иранскиот народ. Тоа е суштинската граница што тој ја поставува меѓу притисок врз режимот и обид за промена на режимот со воена сила. Првиот може да биде средство на државната политика. Вториот може да стане стапица.

Парадоксот на американската моќ

Во крајна линија, Џонсон ја поставува најстарата дилема на империјалната моќ во модерно руво. Имено, што прави најмоќната држава во светот кога може да го започне речиси секој конфликт, но не може однапред да го контролира неговиот политички крај? Америка може да има воздушна надмоќ, огромен арсенал и глобална мрежа на сојузници. Но Иран има географија, население, историско паметење, регионални партнери и способност да го подигне трошокот на конфликтот далеку над границите на бојното поле. Оттука произлегува Џонсоновото предупредување. Опасноста не е само во тоа Америка да биде поразена во војна; опасноста е да победи во воената операција, а потоа да се најде во политичка ситуација од која не знае како да излезе. Токму тоа е „страшната замка“ на што предупреди Џонсон во светската јавност. Р.С.


Уште неколку дополнителни аспекти на ставовите на Борис Џонсон
Џонсон не е антиимперијалист, тој е критичар на лошо управуваниот империјализам

Од експликациите на поранешниот премиер на Британија оддалеку се препознава дека тој не е против американската империјална моќ за да се етикетира дека е противник на конкретната американска воена интервенција. Тој всушност сака да се претстави како коректив на американската грешка при интервенционистичката кампања. И тука станува интересен неговиот став за Иран.

Од оваа перспектива, неговата критика на Вашингтон не е антиимперијалистичка критика во левичарска смисла. Џонсон не вели: „Америка нема право да интервенира во Иран“. Тој, многу повеќе, вели: „Ако веќе сакате да интервенирате, мора да го направите тоа стратешки, затоа што вака можете да го загрозите целиот западен интерес“. А тоа е огромна разлика. Тој ја проблематизира ефикасноста на империјалната моќ, а не нужно самата логика на моќта. И токму затоа неговата позиција би можела да се опише како“реалистичка критика однатре на западниот интервенционизам“.

Нешто што е многу карактеристично за британската геополитичка традиција

Всушност, кај Џонсон може да се види нешто што е многу карактеристично за британската геополитичка традиција. Тој сака Британија да биде глобална сила — „Глобал Британ“. Тоа значи Британија да не се затвори во Европа, туку да има дипломатско, воено, трговско и политичко присуство низ светот. Но токму таквата визија има империјална меморија во себе. Затоа Џонсон не е во категоријата „класичен империјалист“, туку една интересна мешавина на неолиберален конзервативец, атлантист, либерален интервенционист и приврзаник на британската големодржавност! А ако сакаме нешто поостра и покуса формулација, таа би гласела дека Џонсон не е антиимперијалист – тој е критичар на лошо управуваниот империјализам.

Неговиот проблем со американската политика во Иран не е нужно тоа што Вашингтон употребува сила, туку тоа што силата може да произведе хаос наместо западна геополитичка предност, што смета дека им е дадена „од горе“..

Некој треба сѐ уште да учи што и како треба по извојуваната воена победа

Затоа Џонсоновата порака не треба да се чита дека е пацифистички повик за запирање на американската акција. Тоа воопшто не е! Неговата порака е посурова и попрагматична: Ако веќе е направен воениот чекор, следниот чекор не смее повторно да биде само воен. Потребна е политичка стратегија. Потребна е дипломатска рамка. Потребна е регионална коалиција. И, пред сè, потребно е реално дефинирање на она што Вашингтон сака да го постигне. Бидејќи без јасен одговор на прашањето „како завршува оваа војна?“, секоја следна воена победа може да биде само уште еден чекор кон поголем проблем. Џонсон, со сите свои политички контроверзии и со сопственото минато како близок сојузник на Вашингтон, во овој случај поставува една крајно непријатна дијагноза: Империјализмот не значи само воена надмоќ туку управување со системот и ресурсите – потоа, и тоа во полн капацитет. Р.С.