ШК Алкалоид со ланскиот славенички пехар Фото: Алкалоид

ПОЧНУВА ПРВАТА ЛИГА ЗА МАЖИ И ЗА ЖЕНИ

  • Кај мажите ќе настапат десет, а кај жените седум екипи. Титулите од лани ги брани Алкалоид и во двете конкуренции

Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) од денеска до 29 август во х. „Дипломат“ во Струга го организира 34. Екипен шампионат на Македонија за 2026 година. На првенство за шахисти право на настап имаат Алкалоид (просечен рејтинг на играчите 2.483 поени), Гамбит Ассеко СЕЕ (2.249), Прилеп (2.352), Гостивар (2.290), Мулти есенс (2.279), Фламуртари (2.276), Нов Напредок (2.218), Шкупи (2.197), ГШК Куманово (2.183), Анпасан СЕШ (2.162).
Ќе се игра на по шест табли со шест резерви во девет кола, а првото е денеска (16 ч.). За клубовите може да настапуваат и регистрирани странци, но не повеќе од двајца по меч. Првите осум екипи го задржуваат статусот во Првата лига за 2027 година, а последните две идната година ќе играат во Втората лига.
На шампионатот ќе настапат вкупно 22 ВМ, 13 ИМ, 15 ФМ, од кои 24 се странци (14 ВМ, пет ИМ, два ФМ еден КМ). За Алкалоид ќе играат српските ВМ Александар Инѓиќ (2.602, рангиран прв пред првенството) и Велимир Илиќ (2.600), за Мулти есенс ВМ од Хрватска Леон Ливаиќ (2,567) и ВМ од Црна Гора Лука Драшковиќ (2.473), за Гамбит Ассеко СЕЕ црногорскиот ВМ Денис Кадриќ (2,518), ВМ од Холандија Томас Бердесен (2,511), ВМ од Бугарија Григор Григоров (2.496) и Петар Арнаудов (2.393) и многу други, што го прави шампионатот интересен.
На Екипното првенство на Македонија за шахистки ќе настапат Алкалоид (просечен рејтинг 2.237 поени), МШК Центар (2.086), Неготино (2.123), Гамбит Ассеко СЕЕ (1.652), Прилеп (2.111), Цареви Кули (1.719) и ГШК Капабланка (1.558). Предвидени се седум кола. Мечевите се играат на по четири табли со четири резерви, а може да настапат и шахистки од странство, но не повеќе од две по меч. На првенството се пријавени еден ВМ, пет ЖВМ, еден ИМ, еден ЖИМ, еден ФМ, шест ЖФМ, а ќе настапат и десет квалитетни странски шахистки (четири од Бугарија, по две од Грузија и од Полска и по една од Израел и од Србија). Прворангирана е ИМ од Грузија Лела Јавакишвили (2.430), која ќе игра за ШК Алкалоид.
Титулите од лани и во двете конкуренции ги брани Алкалоид. Машката екипа на Алкалоид игра за 14. титула во низа, а вкупно 28., сметано од 1992 година. Г.И.