Украински државјанин уапсен во Пула по германски (европски) налог во истрага за „Северен тек“
- Украинец осомничен за саботажата на гасоводите „Северен тек 1 и 2“ приведен во Пула – германските истражители го поврзуваат со групата што ги поставила експлозивите во Балтичко Море
Една од најголемите геополитички мистерии на Европа повторно се враќа во центарот на вниманието. Имено, хрватската полиција во Пула го уапси украинскиот државјанин Владимир З., осомничен дека учествувал во саботажата на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во септември 2022 година. Апсењето е извршено по европски налог издаден од германските власти, кои бараат негово екстрадирање во Германија. Германското федерално обвинителство тврди дека Владимир З. бил обучен нуркач и член на група што, според истрагата, поставила експлозив под гасоводите во близината на данскиот остров Борнхолм. Во официјалното соопштение, тој е означен како лице за кое постои сериозно сомнение дека учествувало во предизвикување експлозии, саботажа и уништување инфраструктура. Случајот е особено чувствителен затоа што станува збор за инфраструктура што со години беше симбол на енергетската врска меѓу Русија и Германија.
ЕКСПЛОЗИЈА ШТО ЈА ПРОМЕНИ ЕВРОПА
На 26 септември 2022 година, подводни експлозии тешко ги оштетија гасоводите „Северен тек“ во Балтичко Море. Три од четирите цевки беа сериозно оштетени, а од системот истече огромно количество природен гас. Во моментот на експлозиите, „Северен тек 1“ веќе не испорачуваше гас, додека „Северен тек 2“ никогаш не беше пуштен во комерцијална употреба. Но самата саботажа имаше многу поголеми последици од непосредната штета врз цевководите. Со уништувањето на инфраструктурата практично беше прекината можноста за брзо враќање на директните испораки на руски гас кон Германија преку Балтичко Море. Во Европа започна жестока политичка и безбедносна битка околу прашањето кој го изврши нападот и кој го наредил.
ОД РУСКИ ОБВИНЕНИЈА ДО ГЕРМАНСКА ИСТРАГА
Во првите денови по експлозиите се појавија голем број теории. Русија ја отфрлаше можноста дека стои зад нападот, а во јавноста се појавија различни сомнежи и обвинувања насочени кон повеќе држави. Со текот на времето, меѓународните истраги почнаа да се концентрираат врз можната украинска трага. Германските истражители денес тврдат дека во операцијата учествувала група предводена од поранешниот украински воен офицер Сергеј К. Тој беше уапсен во Италија во 2025 година, а германските власти во меѓувреме поднесоа обвинение против него. Според истрагата, осомничените користеле јахта и лажни идентитети за да стигнат до местото на кое биле поставени експлозивите. Трагите водат до сложена операција, која барала нуркачки способности, логистика и прецизно планирање.
ВТОРО АПСЕЊЕ, НОВА ТЕЖИНА НА СЛУЧАЈОТ
Апсењето во Пула е значајно затоа што Владимир З. е вториот украински државјанин што германските власти го поврзуваат со саботажата. Осомничениот претходно бил приведен во Полска во 2025 година, но тогаш не бил екстрадиран во Германија. Сега германските власти повторно го активираа европскиот механизам за апсење – овој пат преку Хрватска. За неговата екстрадиција треба да одлучуваат хрватските правосудни органи, по што, доколку биде предаден, случајот ќе продолжи пред германските институции. Токму тука приказната добива нова димензија. Бидејќи ако германското обвинителство успее да ги поврзе сите осомничени во една операција, прашањето веќе нема да биде само кој физички ги поставил експлозивите. Ќе се постави многу посериозното прашање: Кој ја организирал операцијата, кој ја финансирал и дали зад неа стоела некоја државна структура?
ОФИЦИЈАЛЕН КИЕВ ВЕЛИ ДЕКА НЕМА ДОВОЛНО ИНФОРМАЦИИ
Украина досега не презема одговорност за саботажата. Киевските власти укажуваат дека немаат доволно информации за германските обвиненија, додека истрагите продолжуваат. Тоа остава огромен простор за политички толкувања. За Германија, случајот е и правен и безбедносен. Германските обвинители ја оправдуваат својата надлежност со фактот дека гасоводите имаат крајни точки во Германија и дека нивното уништување директно ја засегнало германската енергетска безбедност. За Европа, пак, „Северен тек“ останува симбол на една ера, која не заврши со експлозија, туку со кинење на „папочната врвка“ на неолибералната ЕУ со Русија.
ГАСОВОДОТ КАКО СИМБОЛ НА ЕДНА ЕПОХА
„Северен тек“ не беше само енергетски проект. Со години тој беше една од најзначајните инфраструктурни врски меѓу Русија и најмоќната економија во Европа – Германија.
Неговото уништување се случи само неколку месеци по руско-украинскиот воен конфликт, во период кога либералните бриселски елити на ЕУ веќе се обидуваа да ја намалат зависноста од рускиот гас. Затоа експлозиите беа многу повеќе од напад врз метални цевки на дното на морето. Тие означија пресврт во европската енергетска политика. Резултатите од таквите политики се повеќе од очигледни.
Од тој момент, прашањето за рускиот гас повеќе не беше само економско прашање. Стана прашање на безбедност, геополитика и обид за „европска стратегиска независност“ по концептот на францускиот претседател Емануел Макрон.
МИСТЕРИЈАТА СÈ УШТЕ НЕ Е ЗАТВОРЕНА
Апсењето во Пула не значи дека мистеријата за „Северен тек“ е решена. Тоа е само нова, можеби најважна епизода во истрагата, која трае речиси четири години. Германските власти сега имаат уште еден осомничен што, според нивната верзија, може да помогне во реконструкцијата на операцијата. Но останува најголемата непозната: Кој стоел зад целата акција? Доколку обвиненијата бидат докажани пред суд, случајот би можел да стане еден од најзначајните процеси поврзани со европската безбедност по Студената војна. Ако, пак, доказите не бидат доволни, „Северен тек“ ќе продолжи да живее како една од најголемите нерешени мистерии на современата европска геополитика. Едно е сигурно. Четири години по експлозиите, детонацијата на дното на Балтичко Море сè уште произведува политички потреси – овој пат и до самиот Јадран.
Автор: Ангел Митревски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Хрватска


































