фото: Нова Македонија

ФУДБАЛ

Еден од осумте потпретседатели на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Шандор Чанји, јавно ја повлече својата поддршка за претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој ќе се обиде да обезбеди нов мандат на чело на светскиот фудбал на изборите во март следната година, пишува српскиот портал „Новости“.
– Ја загубивте довербата што претходно ја имав во вас. Моето верување дека сте способен да продолжите успешно да ја водите ФИФА во согласност со споделените вредности што претходно беа основа на нашата соработка е сериозно поткопано – наведе Чанји во писмо до Инфантино, во кое имале увид новинските агенции „Франс прес“ и „Ројтерс“, пренесе „Новости“.
Унгарскиот банкар бил особено критичен кон начинот на кој Инфантино планираше да ги оддели комерцијалните права на светските првенства (СП) во нова компанија и да продаде околу 20 проценти од уделот на приватни инвеститори, со што ФИФА имаше намера да заработи околу 4,2 милијарди долари. Проектот на крајот беше повлечен по голем отпор од светската јавност.
Чанји рече дека „последната капка“ била отказот што го добил во понеделникот извршниот директор на ФИФА, Кевин Ламур, само неколку дена откако јавно го критикуваше проектот на Инфантино и тврдеше дека вработените во ФИФА биле заведени за начинот на кој бил подготвен, пишува „Новости“.
– Последната капка беше неочекуваното отпуштање на Кевин Ламур. Начинот на кој Ламур беше отпуштен покажува сериозни недостатоци во професионалната процена, етичките стандарди и лидерството – рече Чанји, пренесе „Новости“.
Инфантино (56) е на чело на ФИФА од 2016 година и иако до пред само неколку недели се чинеше дека лесно ќе добие поддршка, работите целосно се сменија. Европската фудбалска унија (УЕФА), Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) и зоната КОНКАКАФ (освен Мексико) јавно ја повлекоа својата поддршка за Инфантино, пишува „Новости“. Г.И.