Фото/Илустрација: Пиксабеј

НАТО е подготвен да одговори на секоја закана и ќе стори сè што е потребно за да ги заштити своите членки, порача денеска портпаролот на Алијансата, по извештаите дека Иран разгледува можност за напади врз американски воени цели во Европа.

 – Нашите капацитети за одвраќање и одбрана се силни и ефикасни – порача портпаролот, потсетувајќи дека НАТО претходно годинава пресретнал четири балистички ракети лансирани од Иран кон Турција.

Изјавата следува по објавата на „Фајненшал Тајмс“ (Financial Times), според која иранските сили разгледувале потенцијални напади врз американски воени средства во југоисточна Европа, вклучително и во Бугарија.

Според британскиот весник, два извори блиски до иранскиот режим тврдат дека меѓу разгледуваните цели е и воздухопловната база Безмер во Бугарија, откако Софија минатиот месец одобрила нејзино користење од страна на американски авиони за полнење гориво.

Како потенцијална цел се споменува и Кипар, каде што се наоѓа британската воздухопловна база Акротири. Еден од изворите за „Фајненшал Тајмс“ изјавил дека иранските сили разгледувале и можност за напади врз подводни оптички кабли во Ормускиот теснец доколку конфликтот дополнително ескалира.

Сепак, досега нема официјална потврда дека Иран донел одлука за напад врз американски цели во Европа. Информацијата се однесува на наводно разгледувани воени опции во случај Вашингтон дополнително да ја ескалира војната.

Еден од изворите за „Фајненшал Тајмс“ рекол дека Техеран подготвува опции за проширување на конфликтот доколку американскиот претседател Доналд Трамп преземе нови воени дејствија против Иран.

Евентуален напад врз американски цели во Бугарија би имал особено сериозни последици бидејќи Бугарија е членка на НАТО, што би можело дополнително да ја зголеми опасноста од проширување на конфликтот надвор од Блискиот Исток.

Во меѓувреме, воените аналитичари предупредуваат дека иако иранската ракетна закана за јужна и југоисточна Европа е реална, нејзиниот дострел и ефикасност се ограничени.