Фото: МИА

Чешка ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија и е подготвена да помогне земјава што побрзо да стане членка на Европската Унија, порача чешкиот заменик-премиер и министер за надворешни работи Петр Мацинка по средбата со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, пренесе МИА.

На пленарната средба во Вила „Охрид“, Мацинка истакна дека членството на Северна Македонија во ЕУ е еден од приоритетите за Чешка. Тој порача дека Прага е подготвена да го сподели искуството од сопствениот пристапен процес и да помогне земјава да не ги повторува грешките со кои се соочувала Чешка на патот кон Унијата.

Според Мацинка, проширувањето на ЕУ со земјите од регионот е во заеднички интерес и на Северна Македонија и на Чешка. Тој нагласи дека Северна Македонија може да смета на Чешка како пријателска и принципиелна земја.

-Приоритетна цел ни е да ја видиме Северна Македонија во Европската Унија што е можно побргу и сме подготвени да направиме сè што ќе биде потребно – порача Мацинка.

Муцунски оцени дека посетата се одржува во значаен период, кога Северна Македонија одбележува 35 години независност, а дипломатските односи со Чешка влегуваат во четвртата деценија.

Тој истакна дека двете земји во изминатите децении изградиле односи засновани на пријателство, доверба и партнерство, а целта е соработката дополнително да се продлабочи.

На средбата биле разгледани можностите за унапредување на политичкиот дијалог, економската соработка, трговијата, инвестициите, миграцијата, како и соработката во културата и образованието.

Муцунски посочи дека Чешка е меѓу 15-те најзначајни трговски партнери на Северна Македонија, но оцени дека постои простор за дополнително зголемување на економската соработка, особено во транспортот и инфраструктурата, енергетиката, туризмот, земјоделството и технолошките инвестиции.

Во фокусот на разговорите била и европската интеграција на земјава. Муцунски порача дека членството во ЕУ останува стратешка определба, а Северна Македонија е подготвена да ги спроведе реформите и да ги исполни европските стандарди.

Сепак, според него, процесот мора да биде кредибилен и предвидлив и напредокот да се оценува врз основа на резултатите, заслугите и однапред утврдените европски критериуми.

-Не бараме привилегиран третман, туку фер и европски процес – истакна Муцунски.

Тој додаде дека реформите се спроведуваат пред сè во интерес на граѓаните, со цел подобрување на институциите, владеењето на правото, економската конкурентност и животниот стандард. Според него, интеграцијата на Западен Балкан не е само прашање на проширување на ЕУ, туку и на европската безбедност, стабилност и геополитичка кредибилност.

На средбата биле разгледани и безбедносните прашања. Како НАТО-сојузници, двете земји имаат заедничка одговорност за зачувување на мирот, безбедноста и стабилноста во Европа и регионот, истакна Муцунски.