Шеснаесетгодишната Карен Морад од Каиро го изгубила видот пред пет години. Но, за време на сафари во Кенија во јуни, повторно почувствувала дека може да „види“ – благодарение на апликација што ѝ опишувала што има околу неа, колку се далеку животните и што прават. Апликацијата ја создал нејзиниот 20-годишен брат Марк, кој и самиот е слеп, пишува Ројтерс (Reuters).
Братот и сестрата постепено го изгубиле видот поради ретка и неизлечива состојба на оптичкиот нерв. Кога Марк се обидувал да учи физика и хемија, постојните програми за читање од екран не можеле добро да ги опишат графиконите, дијаграмите и равенките. Откако не добил одговор од програмерите на слични алатки, самиот почнал да учи програмирање преку видеа на Јутјуб. До 2023 година веќе имал работна верзија на апликацијата.
Апликацијата, наречена СкрибМи (ScribeMe), денес користи вештачка интелигенција (ВИ) за во реално време да одговара на прашања преку камерата на телефонот. Може да опишува предмети и околина, да помогне при учење, а поддржува 20 јазици, меѓу кои и арапски. Интегрирана е и со паметните очила на Мета, што им овозможува на слепите корисници рацете да им останат слободни за користење бел стап.
СкрибМи веќе ја користат илјадници луѓе во 140 земји. За Карен тоа значи помош при наоѓање на училницата, препознавање продавници, избор на облека и учење, но најсилното искуство го имала на сафари. „Секогаш мислев дека вакво нешто е невозможно, но се случи и навистина можев да видам“, изјавила таа за Ројтерс.
Марк вели дека токму проблемите со кои се соочувал како ученик го натерале да создаде нешто што не постоело во форма што нему му била потребна. Апликацијата може бесплатно да се преземе, додека дел од дополнителните функции се достапни со претплата.

































