„Да имаме многу здравје, радост, да си даруваме љубов, но и да ја покажуваме хуманоста„. Ова беа само дел од пораките што беа упатени на божиќниот ручек што денеска по 13 пат го организираше по повод празникот Божиќ Првата дестка амбасада за сите деца во светот. Околу 500 деца од Прилеп, Штип, Битола, Струмица, Демир Капија, Крушево, се дружеа на свечениот ручек и го прославија Христовото раѓање.

-Под мотото „Едно небо за сите деца“ го честитаме овој празник и многу сум среќна што денеска се дружат децата – изјави Александра Стојаноски, извршен директор на Првата Детска Амбасада за сите деца во светот.

Децата беа пресреќни што имаат можност да се дружат на овој ден.

-Многу ми е мило што сум тука. Убаво беше се дружевме, си посакавме многу љубов, здравје, среќа – изјави Христина Тодорска (15).

26-годишниот Александар Зарески, лице со посебни потреби, по шести пат дојде на божиќниот ручек.

– Многу ми е мило што се дружам со децата. Им посакувам многу здраје, радост и среќа на овој ден – рече Александар.

Честитајќи го празникот градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски, посочи дека годинава треба да биде во духот на хуманоста, во духот на дружењето, да се даде рака на немоќните и помош на ранливите категории граѓани.

По 10-ти пат на прославата Детската Амбасада за сите деца во светот го додели престижното признание за општествена одговорност Орден носител на мирот, кому годинава ќе му биде врачено на Живко Мукаетов, кој рече дека за него му било голема чест и дека ќе продолжи да биде хуман, а неговата фирма општествено одговорна.

На децата од целата територија на Република Македонија седнати на заедничка трпеза Христовото раѓање им го честиташе митрополитот г. Петар.

На децата ќе им бидат доделени пакетчина за слатки сеќавања на Божиќниот Ручек, а се одржа пригодна програма.

Ка.М.