Новата генерација лекови за дебелина можеби нема да се потпира само на намалување на апетитот. Експерименталниот лек „ретатрутид“ на компанијата „Ели Лили“ делува истовремено на три хормонски системи – ГЛП-1, ГИП и глукагон – и во доцна фаза на клинички испитувања покажува големо намалување на телесната тежина, пишува Ројтерс (Reuters).
Во едно 80-неделно испитување кај луѓе со тешка дебелина и веќе постоечко кардиоваскуларно заболување, учесниците што ја примале највисоката доза ослабеле во просек 22,6 проценти од телесната тежина. Во друго големо испитување, кај луѓе со дебелина без дијабетес, просечното намалување достигнало 28,3 проценти на највисоката доза.
Она што го разликува „ретатрутид“ од дел од сегашните терапии е неговото дејство врз три рецептори. Покрај ГЛП-1 и ГИП, кои се вклучени во регулирањето на апетитот и метаболизмот, лекот го активира и рецепторот за глукагон. Токму тој дополнителен механизам е една од причините научниците да истражуваат дали лекот може да влијае не само врз внесот на храна, туку и врз начинот на кој организмот ја користи енергијата.
Сепак, резултатите не значат дека лекот е подготвен за широка употреба. „Ретатрутид“ сè уште е во третата фаза од клиничките испитувања и досега не е одобрен од ниту едно регулаторно тело. „Ели Лили“ планира да поднесе барање за одобрение во САД во првиот квартал од 2027 година.
Најчестите несакани ефекти во испитувањата биле од гастроинтестинален тип, меѓу кои мачнина и дијареја, а истражувањето на безбедноста продолжува. Затоа експертите нагласуваат дека високите проценти на слабеење се ветувачки, но конечната проценка ќе зависи и од целосните податоци за долгорочната ефикасност и безбедност.


































