Американската морнарица ѝ додели на компанијата Рејтеон (Raytheon), дел од Ар-ти-екс (RTX), седумгодишен договор вреден 22,9 милијарди долари за значително зголемување на производството на крстосувачките ракети „Томахавк“ (Tomahawk).
Според Пентагон, договорот треба да го забрза производството и да го скрати времето потребно за испорака на ракетите, како и да овозможи проширување на производствените капацитети и зајакнување на синџирите за снабдување.
Компанијата соопшти дека договорот ќе важи седум години и дека годишното производство треба да се зголеми од сегашните 60 на повеќе од 1.000 ракети. Рејтеон во првата половина од 2026 година испорачал трипати повеќе ракети „Томахавк“ отколку во истиот период минатата година.
„Томахавк“ е крстосувачка ракета со долг дострел, која може да се лансира од воени бродови и подморници и да погодува копнени цели од голема оддалеченост.
Големиот договор е склучен во период кога Вашингтон се обидува забрзано да ги обнови резервите на софистицирана муниција, намалени поради испораките за американските сојузници и големата употреба на оружје во војната со Иран, објави Ројтерс.
Центарот за стратегиски и меѓународни студии (CSIS) процени дека американската морнарица пред почетокот на војната со Иран располагала со околу 3.100 ракети „Томахавк“. Според анализата на Центарот, во текот на конфликтот биле употребени повеќе од 1.000 ракети. Цената на една ракета се проценува на околу 2,6 милиони долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во март годинава изјави дека во октомври 2025 година побарал од Вашингтон 200 ракети „Томахавк“, односно најмалку 100, но САД не го одобриле барањето.


































