Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска започна првиот меѓународен јуниорски шаховски турнир, во организација на Шаховскиот клуб Прилеп.
На турнирот учествуваат 12 млади шахисти од Македонија, Србија и Австрија, кои ќе ги одмерат своите вештини во натпреварување според бергеровиот систем, што предвидува секој учесник да игра против сите противници. Предвидени се вкупно 11 кола.

Турнирот е официјално пријавен во Светската шаховска федерација (ФИДЕ), а резултатите ќе бидат внесени во рејтинг-листата на светската шаховска организација.
Според Тони Кироски, интернационален мајстор и претседател на Шаховскиот клуб Прилеп, турнирот претставува одлична можност за промоција на градот на меѓународната шаховска сцена.
Покрај натпреварувачкиот дел, организаторите предвиделе учесниците да имаат можност да се запознаат и со културните и туристичките знаменитости на Прилеп.
Ка.М.



































