Дваесетгодишниот Јован Костадинов од Виница, кој во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани спаси 21 лице, е еден од 16-те добитници на годинашната меѓународна награда „Младинска храброст 2026“.
Признанието го доделуваат Академијата „Раул Валенберг“, Шведскиот институт и амбасадите на Шведска, а е наменето за млади на возраст од 13 до 20 години кои со своите постапки придонесуваат за позитивни промени во општеството.
Наградата го носи името на Раул Валенберг, шведски дипломат познат по својата хуманост и храброст за време на Втората светска војна. Таа е воспоставена во 2015 година со цел да ги истакне младите луѓе како носители на промени и промотори на хуманите вредности.
Од Амбасадата на Шведска во Скопје посочуваат дека признанието им се доделува на млади кои, и покрај ограничените можности и ресурси, покажале исклучителна храброст, иницијатива и посветеност.
Годинава наградата опфатила кандидати од рекорден број држави. Добитниците биле избрани од номинации поднесени од граѓани, училишта и амбасади од 15 земји.
Шеснаесеттемина добитници ќе отпатуваат во Стокхолм, каде што на 27 август, на Денот на Раул Валенберг, ќе ги примат своите признанија на свечена церемонија.
За време на престојот во Шведска, од 25 до 28 август, младите лауреати ќе учествуваат и во едукативната програма „По стапките на Раул“, која вклучува повеќе активности и средба со шведската министерка за надворешни работи, Марија Малмер Стенергард.
Генералната секретарка на Академијата „Раул Валенберг“, Ана Уромби, истакна дека е особено важно да се препознаат младите кои преку своите дела придонесуваат за позитивни промени во заедницата.
Според неа, овогодишните добитници покажуваат дека храброста, моралните вредности и конкретната акција можат да донесат вистински промени во животот на луѓето.
Покрај Јован Костадинов, наградата годинава ќе им биде доделена и на млади од Австралија, Канада, Грција, Унгарија, Монако, Црна Гора, Нов Зеланд, Норвешка, Полска, Србија, Шведска, Танзанија, Уганда и Соединетите Американски Држави.
Јован Костадинов стана симбол на храброста по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што, ризикувајќи го сопствениот живот, успеа да спаси 21 лице од огнената стихија.


































