Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против осум лица, кои ги товари дека како соизвршители сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинението, со нивното постапување на „Државна лотарија“ ѝ била причинета штета од 507.632.173 денари, пренесе МИА.
За првообвинетиот, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Државна лотарија“, кој речиси една година е недостапен за органите на прогонот и се наоѓа во бегство, обвинителството побарало да му биде определен притвор од 30 дена од моментот на неговото пронаоѓање.
За второобвинетиот, заменик-претседател на Владата, побарано е продолжување на мерката куќен притвор, заедно со веќе определените мерки на претпазливост – привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова исправа за преминување на државната граница.
За останатите обвинети, обвинителството предложило мерки на претпазливост, меѓу кои редовно јавување во суд, одземање патни исправи и забрана за воспоставување или одржување контакти со определени лица.
Што им става на товар обвинителството?
Според ОЈО Скопје, обвинетите во текот на 2023 и 2024 година заеднички преземале дејствија со кои ги пречекориле своите службени овластувања и должности, со намера да му нанесат штета на „Државна лотарија“.
Обвинителството наведува дека тие биле свесни оти „Државна лотарија“ немала право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку видеолотариски терминали. Тоа право, според ОЈО, компанијата го внела како непаричен влог во 2013 година при основањето на Друштвото за приредување игри на среќа „Државна видеолотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА“ ДОО Скопје, стекнувајќи 51 отсто од основната главнина.
И покрај тоа, на 9 мај 2023 година првообвинетиот, во својство на генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Државна лотарија“, до генералниот секретар на Владата доставил информација со која било побарано преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа.
Во информацијата било наведено дека планираната набавка претставува голема зделка, чија вредност изнесувала 42 отсто од сметководствената вредност на имотот на друштвото, и дека за нејзино одобрување бил надлежен надзорниот одбор.
Одлуката стигнала на владина седница
Според обвинителството, генералниот секретар на Владата на 6 јуни 2023 година ја предложил информацијата како дополнување на дневниот ред на владина седница, наместо да ја врати кај подносителот или да ја препрати до надлежниот орган.
Вториот обвинет, за кого ОЈО наведува дека имал реално влијание врз раководењето со „Државна лотарија“, претседавал со седницата на Владата во својство на Собрание на акционерското друштво. Тој, според обвинението, предложил дополнетата точка да биде усвоена иако бил свесен дека Владата, во својство на Собрание на „Државна лотарија“, немала надлежност да донесе таква одлука.
По усвојувањето на информацијата, „Државна лотарија“ била задолжена да започне активности за самостојно приредување електронски игри на среќа и да спроведе јавна набавка на видеолотариски терминали.
Обвинителството тврди дека останатите обвинети, кои биле претседател и членови на Надзорниот одбор, иако знаеле дека законската процедура не била испочитувана, сепак донеле одлука со која го одобриле започнувањето на јавната набавка.
Набавката потоа била реализирана, а биле преземени и обврски за исплата, со што, според ОЈО Скопје, на „Државна лотарија“ ѝ била нанесена штета од 507.632.173 денари.
За првообвинетиот, кој и понатаму е во бегство, обвинителството побарало притвор од 30 дена од неговото пронаоѓање, додека за второобвинетиот е побарано продолжување на куќниот притвор. За останатите обвинети се предложени мерки на претпазливост.

































