ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје попладнево најостро ги демантираше информациите што се шират во јавноста за наводно присуство на бактеријата ешерихија коли (Escherichia coli) во водата за пиење во Скопје. Направени се дополнителни анализи и водата во Скопје е безбедна и исправна за пиење и употреба, велат оттаму. Јавното претпријатие најави дека ќе поднесе соодветни пријави до Министерството за внатрешни работи за субјектите и центрите кои шират лажни информации и создаваат општа паника меѓу населението.
– Во врска со шпекулациите што се шират во јавноста за наводно присуство на бактеријата ешерихија коли во водата за пиење од водоснабдителниот систем во градот Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ја информира јавноста дека истата е комплетно неточна и најостро ја демантираме истата – се посочува во соопштението што Јавното претпријатие го објави на Фејсбук.
Оттаму нагасуваат дека покрај редовните секојдневни испитувања на квалитетот и безбедноста на водата за пиење, дополнително се извршени и испитувања на земени примероци од водата.
– Резултатите од дополнителните анализи не потврдуваат присуство на испитуваните микроорганизми. Испитуваните примероци ги задоволуваат пропишаните критериуми согласно Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење („Службен весник на РМ“, бр. 183/18). Во испитуваниот примерок кој е вонредно земен и анализиран со брза PCR техника во тек на вчерашниот ден, 11.8.2026 година, не е детектирано присуство на геномски копии од колиформи бактерии, ниту од Escherichia coli, ниту од Pseudomonas aeruginosa – се наведува во информацијата.
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, како што се потенцира, континуирано го следи квалитетот и безбедноста на водата за пиење преку редовен, секојдневен мониторинг и лабораториски испитувања во акредитирани лаборатории согласно стандардот ISO 17025.
-Дополнителните испитувања се спроведени со цел уште еднаш да се потврди безбедноста и исправноста на водата за пиење и да се отстранат сите сомнежи предизвикани од неточните информации што се шират во јавноста – посочуваат од скопски водовод.
ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ ги повикува граѓаните да не подлегнуваат на непроверени информации и шпекулации кои можат да предизвикаат непотребна загриженост. Водата од водоснабдителниот систем во градот Скопје, како што велат, е безбедна и исправна за пиење и употреба.

































