Епидемија е прогласена во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во населените места Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери
Во земјава се регистрирани 26 случаи на западнонилска треска, од кои 25 се во Скопје, а еден во Велес. Центарот за јавно здравје Скопје вчера прогласи епидемија во одредени зафатени општини и населени места во главниот град.
На денешната прес-конференција заменик-министерот за здравство Јовица Андовски порача дека нема место за паника, но повика на внимателност и почитување на мерките за лична заштита од комарци.
– Нема место за паника, туку има потреба од внимателност и одговорност – порача Андовски, додавајќи дека граѓаните треба да носат соодветна облека и да избегнуваат места каде што има најголема изложеност на комарци.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, заклучно со 11 август се регистрирани 26 случаи, од кои два се водат како веројатни. Дури 22 од заболените се лица постари од 60 години.
Од ИЈЗ информираат дека станува збор за автохтони случаи, односно инфекции стекнати во земјава, со исклучок на едно лице кое патувало во Грција. Сите случаи се со невроинвазивна форма на заболувањето.
Директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Фадил Цана, информираше дека пациентите се лекуваат на Клиниката, која располага со потребните капацитети и дијагностика.
Четворица пациенти се суспектни и кај нив е во тек дијагностичка постапка, додека осум пациенти се пуштени на домашно лекување.
За жал, досега е регистриран и еден смртен случај. Станува збор за 83-годишен пациент кој, според Цана, имал и други заболувања.
Од Центарот за јавно здравје Скопје информираат дека епидемијата е прогласена во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во населените места Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
Министерството за здравство најави дека и натаму навремено и транспарентно ќе ја информира јавноста за развојот на епидемиолошката состојба.
Што е западнонилска треска?
Западнонилската треска е вирусно заболување кое најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец. Во најголем број случаи инфекцијата може да помине без симптоми или со благи симптоми, но кај дел од пациентите, особено кај постарите лица, може да предизвика сериозна невроинвазивна форма.

































