Фото: МИА

Објектот во кој функционирала дискотеката „Пулс“ во Кочани не смеел да биде пренаменет од индустриски во угостителски објект, согласно урбанистичко-планската документација и Законот за градење, сведочеше денеска вештото лице Душица Трпчевска Ангелковиќ на судењето за пожарот во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, пренесе МИА.

Ангелковиќ, која е член на тимот што го изработил градежното вештачење, посочи дека на локацијата од 1998 година до денес не била предвидена намена за дискотека или кабаре.

Според неа, зоната Г10 во Кочани, каде што се наоѓа објектот, и во првиот ДУП од 1998 година и во последниот план од 2013 година е наменета за лесна индустрија и мало стопанство.

 – Од намената на објектот зависат сите останати параметри, како што се површина, височина, катност, позиција, пристап и паркирање. Од намената на објектот зависат неговите конструктивни, функционални и безбедносни барања кои градбата мора да ги задоволи – изјави Ангелковиќ.

Таа појасни дека објектот во кој се наоѓала „Пулс“ бил составен од две згради. Првата била изградена во 1998 година со одобрение за градба како деловно-производен продажен објект, додека втората била изградена без одобрение, а во 2011 година била легализирана со намена за лесна и незагадувачка индустрија.

Според вештачењето, до 2012 година објектот се користел согласно намената утврдена со ДУП, по што дел од него почнал да се користи како дискотека/кабаре.

 – Од 2012 година инвеститорот почнува дел од објектот да го користи за намена дискотека/кабаре, што е спротивно на ДУП и законската легислатива за урбанистичко планирање и градење – рече вештакот.

Ангелковиќ посочи дека и според Урбанистичкиот план од 2013 година, објектот е со основна намена Г3 – сервиси. Меѓу компатибилните намени се наведени Б1, Б2, Б4, Д2, Д3, Д4, Г2, Г4 и Е2, но не и Б3, категоријата во која спаѓаат големите угостителски објекти, меѓу кои и дискотеки и кабаре-клубови.

 – Според урбанистичко-планската документација на Град Кочани од 1998 до денес и согласно Законот за градење, на предметната локација не е дозволена пренамена од индустриски објект во објект за вршење угостителска дејност – изјави вештакот.

Како законски можности за отворање дискотека, таа ги посочи измената на ДУП со предвидување на намената Б3 или избор на друг објект во зона каде што таквата намена е дозволена.

Во случај на измена на планот, следниот чекор би бил поднесување барање за пренамена на објектот, изработка на основен проект и исполнување на минимално-техничките услови предвидени со Законот за угостителската дејност.

 – Наместо да избере една од овие две легални можности, инвеститорот се одлучува да изврши нелегална пренамена на дел од објектот, постапувајќи спротивно на ДУП-от и регулативата – рече Ангелковиќ.

На прашање дали Општина Кочани можела да реагира откако во објектот веќе се вршела угостителска дејност, вештакот одговори дека општината била надлежна да контролира дали објектот се користи согласно издадените одобренија за градење и употреба.

Таа појасни дека станува збор за објект од втора категорија, односно објект од локално значење, за кој одобренијата ги издава општината.

Доколку надлежните инспекциски служби утврдиле нелегална пренамена, тие можеле да му наложат на сопственикот објектот да го врати во првобитната состојба.

Ангелковиќ нагласи и дека издадената лиценца за дискотека или кабаре не ја ограничувала надлежноста на градежната инспекција.

 – Овластувањата на градежната инспекција да реагира кога е извршена нелегална пренамена не е условена со издавање на било кој друг акт, без разлика дали е лиценца – појасни вештакот.

На прашање од обвинителот Дарко Јакимовски за хотелот во близина на „Пулс“, Ангелковиќ објасни дека во ДУП постои парцела со намена Б5 – хотел. Таа додаде дека хотелот постоел и функционирал уште во времето кога бил изработуван планот, поради што бил евидентиран како постоечки објект и за него не бил предвиден понатамошен развој или проширување во планскиот период.

На претходното рочиште, судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, посочи дека градежното вештачење покажало сериозни пропусти во функционирањето на системот, институциите и поединците.

Според Марковски, во „Пулс“ не биле преземени мерки за противпожарна заштита, немало прописни излези за евакуација, а капацитетот на објектот според неговата површина бил 363 лица, додека во критичната вечер имало над 600 посетители.

Со денешното рочиште, според најавите, треба да заврши изведувањето на доказите од Обвинителството.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.