Фото: МФ/Фејсбук

Министерството за финансии префрли нов трансфер од 176,5 милиони денари, односно околу 2,9 милиони евра, од централниот буџет кон Развојната банка за поддршка на инвестициски проекти на домашните компании.

Со најновиот трансфер, вкупната финансиска поддршка од Владата за домашните компании достигна 14,7 милијарди денари, односно околу 239 милиони евра, информира Министерството за финансии.

Од Министерството оценуваат дека средствата претставуваат значителен поттик за реализација на приватни инвестиции и за економскиот раст. Во Буџетот за оваа намена се предвидени вкупно 250 милиони евра.

Средствата обезбедени во Буџетот се пласираат преку Развојната банка и мрежата на домашни деловни банки до крајните корисници – домашните компании.

Финансиската поддршка е обезбедена од унгарската Експорт-импорт банка, со цел да се поттикне инвестициски циклус во приватниот сектор.

Компаниите можат да ги користат средствата под поволни услови, со каматна стапка од 1,95 проценти и рок на отплата до 15 години, со грејс-период до три години.

Од Министерството за финансии посочуваат дека преку ваквите мерки се очекува да се поттикнат нови инвестиции и да се создадат услови за дополнителен развој на домашниот приватен сектор.