Фото: Пиксабеј

Бројот на девојчиња на возраст од 10 до 17 години кои биле хоспитализирани во Германија поради нарушувања во исхраната повеќе од двојно се зголемил во периодот од 2004 до 2024 година, покажуваат податоците на Федералниот завод за статистика.

Според објавените податоци, бројот на хоспитализирани девојчиња во оваа возрасна група се зголемил од околу 2.800 во 2004 година на приближно 6.000 во 2024 година.

Со тоа, девојчињата на возраст од 10 до 17 години во 2024 година сочинувале 48,1 процент од сите пациенти хоспитализирани поради нарушувања во исхраната. За споредба, во 2004 година нивниот удел изнесувал 24,9 проценти, пренесе ДПА.

Вкупниот број хоспитализирани лица со нарушувања во исхраната во Германија во 2024 година достигнал околу 12.400, што претставува зголемување од 2,2 проценти во однос на претходната година.

Најчеста дијагноза била анорексијата, со околу 9.000 случаи кои барале болничко лекување, додека булимијата била дијагностицирана кај околу 1.300 пациенти.

Податоците покажуваат и значителна разлика меѓу половите. Во сите возрасни групи, девојчињата и жените почесто биле хоспитализирани поради нарушувања во исхраната отколку момчињата и мажите.

Во 2024 година, жените сочинувале 92,9 проценти од сите хоспитализирани пациенти со оваа дијагноза, наспроти 88,5 проценти во 2004 година.