Либанскиот парламент денеска донесе историска одлука со која целосно се укинува смртната казна, а Либан станува првата арапска земја што формално ја укинува најстрогата кривична санкција.
Со законските измени, смртната казна ќе биде заменета со доживотен затвор со тешка принудна работа. За реформата гласало мнозинството од 128-члениот парламент, додека против се изјаснил парламентарниот блок на Хезболах, пренесе „Асошиејтед прес“.
– Ова е историски чекор за нашата земја – изјави министерот за правда Адел Насар по гласањето.
Одлуката претставува формализирање на фактичката состојба во земјата. Либан нема извршено егзекуција од 2004 година, иако судовите во изминатите две децении продолжија да изрекуваат смртни пресуди. Тие најчесто биле суспендирани или заменувани со затворски казни.
Организациите за човекови права ја поздравија одлуката. „Амнести интернешенел“ ја оцени како значајна победа за човековите права и важен чекор во насока на зајакнување на заштитата на правото на живот.
Сепак, остануваат отворени прашања околу практичната примена на новата казна. Особено нејасно е како точно ќе се спроведува делот што се однесува на тешката принудна работа, имајќи предвид дека либанскиот затворски систем и досега се соочува со сериозен недостиг на ресурси и пренатрупаност.
Гласањето се одржа во период на жестоки политички дебати околу предлог-законот за општа амнестија, кој предвидува можност за намалување на казните или ослободување на одредени категории осуденици, меѓу кои и лица осудени за трговија со дрога и припадници на вооружени групи, со одредени исклучоци.
Токму ова предизвика протести на семејства на либански војници и полицајци кои биле убиени од исламистички борци. Тие стравуваат дека сторителите наместо најстроги казни би можеле да добијат значително намалени затворски казни.
Со денешната одлука Либан се приклучува кон растечкиот број држави што ја укинале смртната казна. Реформата става крај на повеќедецениската неизвесност околу иднината на оваа казна во земјата и претставува една од најзначајните промени во либанското кривично законодавство.

































