Уште еден случај на затруено дете е евидентиран во Куманово. Вчера во 14:28 часот во СВР Куманово лекар од Општа болница Куманово пријавил дека кај нив било донесено двегодишно дете кое било затруено со лекови. Од кумановската полиција информираат дека преземаат мерки за расчистување на случајот.
Од Општа болница Куманово потврдуваат дека детето вчера било примено на Одделението за педијатрија, каде му била укажана медицинска помош, по што денеска било пуштено на домашно лекување.
Ова е втор случај на труење на двегодишно дете во Куманово за две недели. Неодамна, двегодишно дете беше затруено откако испило средство за разредување боја.
Лани, во кумановскиот регион беа евидентирани неколку случаи на труење кај деца, во дел од кои тие проголтале средства за чистење и дезинфекција, а во неколку и лекови.

































