Министерството за внатрешни работи соопшти дека е лишен од слобода возачот кој пред неколку дена се движеше во спротивна насока на автопатот Скопје–Велес, загрозувајќи ја безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
Станува збор за 39-годишниот М.Ш. од тетовското село Челопек, кој, според МВР, на 2 август околу 19.20 часот управувал патничко возило „голф“ со тетовски регистарски ознаки во спротивна насока на автопатот.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста, откако очевидци објавија фотографии од опасното возење на социјалните мрежи.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот, против возачот ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик. Тој ќе биде изведен и пред надлежен јавен обвинител.
Од Министерството повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.
































